(ОБНОВЕНО) Загинатите мигранти во вчерашната железничка несреќа кај Пчиња се од Сомалија и Авганистан
Загинатите мигранти во вчерашната железничка несреќа, според првичните информации потекнуваат од Сомалија и Авганистан. Заедно со останатите од педесетчлената група, пругата Велес-Скопје ја користеле како патоказ за да стигнат на север.
Животот на овие мигранти заврши вчера околу 22.30 часот на железничката станица Рајко Жинзифов, поточно на постојката Пчиња, кога меѓународниот воз Солун-Белград удрил во нив. Иако машиновозачот се обидел да закочи и давал звучни сигнали, четиринаесетмината мигранти не успеале да се спасат.
Грозоморна била сликата на местото на несреќата. Делови од тела во крв и нагмечени черепи имало расфрлено насекаде. теренот бил непристапен па спасувачките и медицинските екипи едвај стигнале до настраданите. Веднаш по ударот дел од мигрантите успеале да се спасат и да избегаат , четворица се повредени но оссумина останале на местото на трагедијата бидејќи се претпоставува дека се роднини на загинатите. Тие се пренесени на информативен разговор во полициската станица во Велес.
Со товарен вагон изутринава телата на загинатите мигранти се префрлени во капелата на градските гробишта во Велес.
Од СВР Велес велат дека увидот на местото на железничката несреќа се уште трае, а спасувачките екипи продолжуваат со пребарување на непристапниот терен./Д.С