Анабелки ги освоија симпатиите на сараевчани
Се редат успесите на членовите на балетското студио Анабела од Велес. Младите балеринки освоија бројни награди на меѓународниот натпревар Inter dance fest што изминатиот викенд се одржа во Сараево. Во конкуренција од 75 балетски студија и 2000 учесници на натпреварот , членовите на балетското студио Анабела се закитија со 17 награди и признанија.
Седум први места освоија во категоријата мини кидс, две први места во категоријата деца, две први места во категоријата јуниори и две во категоријата сениори. Анабелки не го пропуштија ниту второто и третото место во сите категории. Нивната инструкторка Цеца Пајдакова е повеќе од задоволна од настапот на малите танчерки кои како што вели ја воодушевиле публиката и жири комисијата.
„Конкуренцијата беше голема и во однос на тоа што се натпреварувавме со европски и светски прваци во танцување, нашиот успех беше одличен. Овие резултати се должат на континуираните вежби на децата кои во изминатиот период беа поинтензивни“, рече Пајдакова.
Танцот и ритмичките игри на младите балеринки не остануваат незабележани од јавноста. Во градот но и надвор од него не поминува манифестација без учество и настап на балетското студио Анабела. Тоа опстојува и функционира веќе долги години и претставува незаменлив дел од културно-уметничките манифестации./Д.С