„За скара и пиво ќе има, друго и не мора“, велат предпразнично велешани
Го нема вообичаениот метеж во продавниците во пресрет на првомајскиот празник. Малкумина граѓани денеска ги прават последните набавки на храна и пијалок во поголеми количини во маркетите. Единствено помладите, се уште неоптоварени од реалните животни проблеми, барем малку ја доловуваат првомајската празнична атмосвера во Велес. Со пакети сокови и храна за утрешниот празник ги затекнавме денеска пред маркетот. Организирани во друштва тие со возбуда го чекаат празникот и утре како печурки ќе никнат на излетничките места надвор од градот. Природните дебели сенки покрај реката Бабуна и крај езеро Младост се нивни најомилени дестинации. Таму тие ќе се дружат и забавуваат за време на празникот.
„За први мај ќе одиме на езеро. Таму ни е најубаво. Еве си купивме храна и пијалок, си собравме по 400 денари и утре ќе правиме скара. Едвај чекаме да отидеме и да се сместиме на омиленото излетничко место. Не ја исклучуваме можноста да преноќиме во шатори па да прославиме и на втори Мај“, рекоа група момчиња подготвени за првомајскиот празник.
„Јас со моето друштво ќе одам на Бабуна годинава. Нема да имаме скара но нешто за јадење и пиење сигурно ќе си носиме. Сакаме само да си поминеме убаво“, рече девојче.
Утрешниот празник кој во минатото се празнуваше два дена не е само за младите. На него со полно срце се присетуваат и повозрасните. Некои дома, други на излет, трети надвор од државата сите ќе го прослават во кругот на семејството. Велешани кои денеска ги анкетиравме ка ја искористат можноста продолжениот викенд да го поминат во своите викендици надвор од градот, како што велат барем малку и скромно да го одбележат први Мај.
„Со моето семејство и пријателите ќе одиме на викендица во Јасеново. Еве си купивме месо за скара, бидејќи без неа и пиво не може да се одбележи први мај. Една илјадарка ќе потрошиме за утре , скромно бидејќи се е скапо, особено зеленчукот кој од ден во ден има повисока цена.“
„Подготвени сме за први Мај. Имаме куќа на велешко езеро и таму празникот ќе си го поминеме заедно со пријателите. Тоа ние традиција, секоја година таму си одиме. Нешто од дома, нешто ќе купиме и така планираме. Една илјадарка ќе потрошиме, важно за скара ќе има, а за друго ќе видиме. “
Веројатно е дека излетничките места во Велес утре ќе бидат полни со граѓани кои ќе го празнуваат први Мај. Но не се знае колкумина од нив го знаат вистинското значење на денот на трудот./Д.С