Кавадарчанецот Станоев бил пресметлив и трикратното убиство го извршил со умисла, напишаа експертите во вештачењето
Обвинетиот за трикратното убиство во Кавадарци, Тони Станоев бил пресметлив во моментот кога ги извршил убиствата. Вака денеска на главната расправа во Основниот суд во Велес се изјаснија вештите лица Стојан Бајрактаров од Клиниката за невропсихијатрија, Горан Павловски од Институтот за судска медицина и Златко Скулиќ од МВР. Исказите на вештите лица ги прифатија и адвокатот на оштетеното семејство и бранителот на обвинетиот. Единствено спорно за бранителот на Станоев беше вештачењето на оружјето со кое се извршени убиствата.
„Од исказите на вештите лица, балистика, невропсихијатрија и МВР се потврди дека кај обвинетиот Тони Станоев постои умисла, постои вина, постои пресметливост за време на сторување на кривичното дело. Сметаме дека од дадените изјави на вештите лица на 19 овој месец ќе се заврши оваа судска постапка и сметаме дека судот ќе ја утврди фактичката состојба и ќе донесе правилна судска одлука“, рече адвокатот на оштетеното семејство Орданче Темков.
„Вештачењата се коректни, одбраната нема некоја посебна забелешки освен на вештачењето на МВР, на оружјето, во еден дел околу тоа да наведената марка на пиштол не е склона на самоиспалување . Лично имав многу одбрани каде што имаше и тоа професионалци задолжени за оружје, зборувам за полицајци, кои што извршија убиства и самоубиства со истата марка на пиштол, токму поради самоиспалувањето. Другите вештачења се коректни , но мислам дека психијатѕриското треба да биде доработено“, рече адвокатот на Станоев, Драган Ѓорѓиев.
Инаку претседателот на Судот го отфрли предлогот на бранителот Ѓорѓиев за изземање на судскиот совет кој според него бил пристрасен и необјективно ја водел судската постапка. Случајот за трикратното убиство и понатаму ќе го води истиот судски совет. Главната расправа е закажана за 19 октомври годинава.
Трикратното убиство што ги вознемири кавадарчани, Станоев го изврши лани на 9 ноември. Со пиштол ги застрела, во домот на родителите на неговата сопруга, мајка и Билјана, татко и Илија и сестра и Снежана. Безживотните тела на своите најблиски прва ги откри сопругата на Станоев, Данче. И таа изјавуваше дека има закани по живот. Семејни расправии и недоразбирања биле причина за грозоморното убиство.
Инаку на Тони Станоев, кој е обвинет за три кривични дела убиство, му се заканува доживотна затворска казна./Д.С