Кривични пријави за арамии на бакарни кабли кои половина Велес го оставија без струја и уништија апарати за домаќинство
Триесет и пет годишниот Е.В. и четириесет и три годишниот Р.А. од Велес заработија кривини пријави за четири тешки кражби и три кражби, со кои на Македонска Радио Дифузија, на ЕВН и на мобилниот оператор ОНЕ им нанеле штета во висина од 76.422 евра. Двајцата велешани во периодот од февруари до август годинава во неколку наврати ги извршиле кражбите. Првата кражба се случила на објектот на телевизискиот предавател „Башино Село“, кој е поставен на месноста Рамина, во сопственост на Македонска Радио Дифузија. Насилно со алат го скршиле катанецот и ја извадиле металната врата на објектот и од него украле клима уред, акомулатори и кабли за напојување на акомулатори. Не се задоволиле од украденото па уште два пати насилно влегле во истиот објект.
„Во вториот случај ги демонтирале уредите на репетиторот и агрегатот за струја од каде ги извадиле бакарните елементи. Во третиот случај, го извадиле агрегатот, од резервоарот ја извадиле нафтата, одзеле дигитален предавателен систем и комплетната електрична инсталација. Со извршените три кривични дела тешка кражба ја оштетиле Македонска Радио дифузија за околу 72 илјади евра, рече портпаролот на СВР Велес, Анита Стојковска.
Откако завршиле со објектот на Македонска Радио Дифузија, крадците почнале да оперираат и во објектот кој служи како базна станица на мобилниот оператор ОНЕ, лоциран над црквата Св. Спас во Велес. Кражбата ја извршиле во август кога на сличен начин ја отвориле влезната врата и од објектот одзеле составни делови од клима уред кој служел за разладување на телекомуникациската опрема. Мобилниот оператор го оштетиле за околу четири илјади евра.
Двајцата арамии не запреле тука, продолжиле да крадат од објекти на ЕВН и му нанеле штета од 730 евра. Од трафостаницата што се наоѓа зад Пензионерскиот дом , во која влегле преку отворот за вентилација, украле бакарни кабли и други предмети. Со тоа предизвикале прекин на електричната енергија до потрошувачите со што им се оштетиле апаратите во домаќинствата. На ист начин се оштетени и граѓаните кои живеат на улицата „Прохор Пчински“. Арамиите влегле и во трафостаницата лоцирана во близина на паркингот пред црквата Св. Спас. И од таму ги украле бакарните предмети и предизвикале прекин на електричната енергија до потрошувачите.
СВР Велес, против двајцата велешани поднесе кривична пријава за сторени седум кривичнио дела, тешка кражба и кражба. Инаку тие и претходно се пријавувани за вакви и слични кривични дела, за што добивале и затворски казни./Д.С