Ајварот и годинава дел од трпезата на велешани
Сезоната на подготвување на ајвар започна. Од дворовите на велешани димат ќумците на кумбињата, се печат пиперките и модрите патлиџани за подготовка на традиционалниот македонски бренд. Кој повеќе кој помалку но речиси во секој дом ајварот е неизоставен дел од зимницата. Но освен што бара многу труд, за печење, лупење и пржење, ајварот го „троши“ и домашниот буџет. Ајварката ја има во големи количини на градскиот пазар, во купчиња или вреќи распослан е пред камионите на производителите или прекупците кои најчесто се од струмичко. По цена од 25 денари за килограм пиперката им ја нудат на велешани. Од 1.500 до 2.000 денари ги чини граѓаните подготовката на ајварот. Дел од нив традиционално го подготвуваат секоја година, но има и такви кои се откажале од правење.
„Секако дека ќе правиме, како и секоја година. Еве разгледувам на пазарот и сакам да купам, но прво да го одберам, да видам која е цената, да се пресметам колку можам да одвојам од буџетот и да купам“.
„Ке правиме и годинава ама помалку. Секоја година правам за децата, но се помалку и помалку. Пиперките не се многу скапи годинава, ама за што попрво да направам од пензијата, која и онака ми е мала“.
„Мене ајварот ме чини две илјади денари, но што да правам, морам да го подготвам затоа што децата многу го сакаат“.
XX
XXНа градскиот пазар во Велес деновиве е пораздвижено од вообичаено. Камионите полни со ајварката се паркирани спроти пазарот, а производителите го нудат својот производ најдобро што можат. Засега цената на пиперката е 25 денари за килограм, модриот патлиџан се продава за десет денари парче. Граѓаните се надеваат дека ќе ги има на пазарот и дека ќе ја задржат истата цена./Д.С