Исечени гранки од јаворот на плоштад Којник во Велес
Врабoтени од ЈКП „Дервен“ со помош на специјална дигалка од Скопје, утринава пресекоа десетина гранки од јаворот што се наоѓа на плоштад Којник. По барање на сопственикот на куќата во непосредна близина на јаворот , Ѓоре Стојанов, надлежните од општината и „Дервен“ дале дозвола да се исечат гранките кои му правеле штета на покривот на куќата. Вработените од комуналното претпријатие , со моторни пили, ги исекоа само гранките кои предизвикуваа штета на покривот на куќата. Од претпријатието велат дека по јаворот нема да има никакви последици освен што сега наместо во широчина ќе расне во висина.
Инаку, пред десетина години, од истиот јавор беа пресечени неколку гранки од спротивната страна на крошната кога на местото на стара се градеше нова куќа. На тој дел од крошната има потерано млади гранки што засега не прават никаква штета на блиските куќи.
Којничани најнапред реагираа на сечењето на гранките од вековниот јавор. Потоа следеше објаснување по кое без проблеми прифатија неколкуте гранки, кој му направиле штета на покривот на Стојанов, да бидат исечени./С.А