Патници од Велес, синоќа, не можеле со воз да патуваат до Скопје
Патници на железничката станица во Велес, синоќа, останаа без превоз за Скопје. За нив немало место во патничкиот воз што во 18.45 часот поаѓа од Гевгелија бидејќи бил полн со бегалци. Така им соопштиле вработените на железничката станица во Велес од кои патниците дознале дека не ќе можат да патуваат до Скопје ни со експресниот воз од Атина бидејќи до 19 часот не влегол во Македонија ниту со патничкиот од Битола поради тоа што каснел два часа од старт. Голем дел од патниците рекоа дека имаат месечни железнички билети.
Десетици патници, синоќа, се понадевале дека до Скопје ќе стигнат барем со автобус и затоа спасот го побарале во заминување од железничката на автобуската станица во Велес. А таму се соочиле со нов проблем поточно полни автобуси кои доаѓале од Битола, Берово, Струмица во кои патниците од Велес не можеле да се качат.
„Не работи телефонот за информации на железничката станица во Велес. Тоа значи дека информација за возниот ред не може да се добие ниту пак за доцнењето на возовите. Револтиран сум што морам за се да доаѓам на железничката станица па и само за тоа дали доцнат или не возовите. Синоќа не успеав да отпатувам за Скопје и навистина сум револтиран“, рече патник од Велес.
„Не ми е јасно како може да нема место во возот со кој се превезуваат бегалците од Гевгелија. Досега си постоеја посебни вагони во кои ние патувавме. Јас сум работник вкој работи во скопска фирма и тој воз идеално ми одговара за патување,“ рече патник од Велес.
„Синоќа до Скопје не отидов ни со воз ниту со автобус туку со таксист кој едвај го намоливме да не однесе и му плативме по 250 денари во еден правец. Односот на Македонски железници е крајно не сериозен. Па во која држава во ист момент два часа доцни еден воз од страт, друг е зафатен со бегалци и нема трет. Прашајте го јавното претпријатие Македонски железници до кога ќе биде ваква состојбата со патничкиот превоз во државата?“, реагира трет патник.
„Прашајте ја фирмата која е газда на автобуската станица во Велес ќе може ли да обезбеди дополнителни автобуси за патниците од градов особено во недела навечер и понеделник наутро бидејќи тогаш е невозможно студентите да отпатуваат за Скопје. И не само студенти туку има и средношколци кои секојдневно патуваат со воз или автобус,“ рече студент.
Од Македонски железници денеска не можевме да добивме одговор што точно се случувало синоќа на железничката станица во Велес и која е причината за револтот на патниците. Директорот на патнички сообраќај не се јави на нашите телефонски повици и не одговори на ес ем ес пораката.
Од фирмата „Го-ма бус“ која врши автобуски превоз на патници од Велес преку авто превозниците „Руле турс“ и „Берово транс“ рекоа дека синоќа имало зголемен број на патници на автобуската станица во Велес и дека се обиделе да им помогнат. Иста била состојбата и рано утринава кога обезбедиле три вонредни автобуси за навремено во Скопје да можат да стигнат 190 патници од Велес./У.Ј