Отворен првиот дневен центар за деца со оштетен вид во Велес
Почна со работа дневниот центар за деца со оштетен вид и слепи деца. Од две занимални, кујна и тоалети се состои центарот сместен во просториите на Агенцијата за вработување. Во него можат да бидат згрижени 25 деца. Со нив ќе работи, психолог, дефектолог и медицински сестри, но во најското време ќе бидат ангажирани и други стручни лица кои во голема мера ќе им помогнат на овие деца да се приспособат во новата средина. На отворањето денеска, покрај градоначалникот Славчо Чадиев и претседателот на сојузот на слепи Жарко Силковски, присуствуваше и министерот за труд и социјала Диме Спасов. Вкупната инвестиција за дневниот центар изнесува 1,5 милиони денари.
Покрај центарот за слепи деца денеска беа промовирана и 50 наслови на аудио книги во Градската библиотека Гоце Делчев. Заедно со овие, лицата со оштетен вид, до крајот на годината, ќе имаат на располагање вкупно 310 аудио книги снимени на македонски јазик.
„ Оваа година имаме 310 снимени аудио книги а наредната година се надеваме дека ќе го надминеме планираното и до крајот на годината да распишеме нова јавна набавка за уште околу 400 аудио книги со што во 2016 година би добиле околу 700 наслови на македонски јазик на аудио книги кои ќе бидат занчајни и за децата и за лицата со оштетен вид“, рече министерот Спасов.
„Ние како општина и понатаму ќе продолжиме да соработуваме со здруженијата за слепи лица, исто така ја имаме и поддршката на министерството з атруд и социјална политика, особено на министерот бидејќи јас и тој сме на некој начин сентиментално поврзани со оваа категорија на деца“, рече Чадиев.
Дневниот центар за деца со оштетен вид и промоцијата на новите наслови на аудио книгите се само дел од акционите планови на општината и министерството во насока на подобрување на условите за живот на лицата со посебни потреби во Велес./Д.С