Гостите и угостителите задоволни на почетокот на годинешнава Питијада во Велес (ФОТО)
Задоволни гости и угостители на првата вечер од тридневната манифестација посветена на питата пастрмалија во Велес. Првите од вкусниот традиционален велешки специјалитет и квалитетните вина на винариите а вторите од големата посетеност. Се до полноќ, на штандовите под поставените тенди, се бараа слободни маси и столчиња на главната градска улица „Благој Ѓорев“. Годинава пастрмалии и вино се служат и во кафетериите. Така беа создадени дополнителен број на места, за седење и уживање, за гурманите кои синоќа дојдоа во Велес од Скопје, Кавадарци, Неготино, Лозово, Свети Николе и уште неколку други градови.
„Питијадата е можност да дојдам и да го видам градот. Попладнето го посветив на прошетка а еве вечерта ја резервирав за велешката пастрмалија. Задоволни сме. Услугата е брза, питата е вкусна а и виното ни се допадна,“ рече скопјанката Виолета.
„Ние имаме роднини во Велес. Тоа значи дека остануваме ноќва подолго на манифестацијата и утре се враќаме во Кавадарци. Убава е атмосверата, тивко со избрани музички групи и пејачи а за питите само пофални зборови. Го пиеме виното од Тиквешкото виногорје затоа што за нас тоа е најпивко,“ рече кавадарчанецот Ацо.
Публика имаше и пред бината на која настапија музичарите и пејачите. Годинава манифестацијата има поквалитетно озвучување па аудио настапот на групите, пејачите и оркестрите од бината се слуша се до последните закупени штандови на краевите од улицата. Видео настапот се пренесува преку бимови.
Голем број гости синоќа одлучија вечерта да ја поминат во кафетерија затоа што сопствениците си обезбедија доставувачи на пастрмалии. Тие,по порачката од гостите, веднаш ја вршеа доставата од штандовите директно на масите во кафетериите. Доставувачот на „Чао кафе“ беше препознатлив по белата капа и црното палто.
Имаше и корзо на тротоарите од двете страни на улицата „Благој Ѓорев“, од гимназијата до стоковната кука „Бос“ . Голем број на велешани беа излезени на прошетка.Најголем дел од нив купуваа пастрмалии и си ги носеа дома.
Угостителите и вечерва очекуваат голем број гости на манифестацијата. Адут им е концертот на хрватската поп рок група „Парни ваљак“ чиј почеток е закажан за 22.30 часот. Сите се надеваат дека дождот ќе го заобиколи Велес./У.Ј