Фондација Фокус: Граѓани и Вие, дајте придонес за вашата заедница
Со свои предлози за актуелни проблеми од месната или урбаната заедница во која живеат, граѓаните на Велес може да учествуваат во развојот на општината и да ја направат подобро место за живеење. Доколку граѓаните сметаат дека може да се направи нешто повеќе во нивната околина како на пример асфалтирање на улица, поставување на фекална и атмосферска канализација, поставување на улично осветлување, нова зелена површина, најдоцна до 16 овој месец предлозите можат да ги поднесат на веб страницата на општина Велес, www.veles.gov.mk или пак во хартиена форма да ги достават во просториите на општината. Токму затоа Фондација за локален развој и демократија Фокус ги повикува граѓаните да ги достават своите предлози до општината и на тој начин истите да влезат во нацрт програмите за работа на општината за следната 2017 година.
„Идејата е да ги поттикнеме и да ги мотивираме граѓаните на општина Велес да дадат свој личен придонес во развојот на локалната заедница и да не останат неми сведоци на она што се случува околу нив туку да влијаат на промените. Септември е месец кога општина Велес ги изработува нацрт програмите по активностите на општината и токму ова е моментот во кој што секој заинтересиран граѓанин доколку увидел некаков проблем во неговата локална заедница или пак доколку има решение на некаков проблем, може да интервенира и да го даде својот придонес во локалната заедница“, рече Славица Ќучукова Николова, проектен координатор на Фокус.
Освен во општината, своите предлози, во пишана форма, слика или видео, во текот на целата година,граѓаните можат да ги доставуваат и на веб апликацијата на Фондација Фокус, www.prioriteti.focus.org.mk, на која можат да ја следат и нивната реализација. Граѓаните исто така можат да учествуваат и на јавните расправи што ги организира општината и таму да ги изнесат приоритетите на заедницата во која што живеат.
Вработените на Фондација Фокус денеска поделија и флаери со насоки за тоа каде и како граѓаните можат да ги достават своите предлози и решенија за проблемите со кои се соочуваат.
Даниела Саздова