Велешани утре, сабота, 12 декември по втор пат во масовна акција ќе засадуваат садници на опожарениот брег на езеро „Младост“
11.12.2020
Дванаесет илјади садници ќе бидат засадени утре на втората есенска акција за пошумување на опожарениот крајбрежен појас на велешко езеро. До веќе израснатите, ќе се засадат нови стеблa на багрем кои дополнително ќе го збогатат шумскиот фонд опустошен во големиот шумски пожар.
Војници, пожарникари, ученици, службеници, акцијаши и други вљубеници во природата и здравата животна средина ќе учествуваат на акцијата и ќе дадат свој придонес во обновувањето на шумскиот фонд на најпосетуваното излетничко место во Велес.
Со 40 висококвалитетни стебла ќе учествуваат и членовите на „Лајонс Клубот“ од Велес. На денешната прес конференција, Градоначалникот Коцевски ги повика граѓаните на Велес, да дојдат на езеро „Младост“ и да се вклучат во засадувањето на садниците.
-Ја користам оваа прилика да ги повикам сите добронамерни граѓанки и граѓани кои сакаат да живеат во здрава животна средина, да земат учество во утрешната акција и да посадат дрвца, затоа што само на тој начин ќе успееме да ги обновиме единствените „бели дробови“ на градот. Се надевам дека временските услови ќе не послужат и дека успешно ќе ја реализираме акцијата за пошумување, рече Коцевски.
Општина Велес обезбеди организиран превоз до езеро „Младост“.
Автобусите ќе поаѓаат од пред постојката спроти „Пан Такси“ во 10:15 часот и од спротивната страна на Основен суд Велес во 10:30 часот.
Градоначалникот Коцевски се надева дека и утрешната акција ќе биде исто така успешна како минатогодишната во која кога беа засадени вкупно 13.700 садници. Од вкупниот број на лански садници, 2.700 беа ги донираше Ротари Клубот додека останатите ги набави Општината, со пари од буџетот.
Минатогодишната акција даде одлични резултати затоа што речиси сите садници се зафатени.
Истовремено Општина Велес отвори и наменска сметка на која досега се собрани вкупно 192.400 денари.
Исто така, денеска, во Велес, се засадуваат и 40 дрвја на тротоарот на главната градска улица „Благој Ѓорев“ на потегот од Театарската зграда до Пошта.
Убавка Јаневска