Др.Весна Николовска Неделкова нов в.д директор на Центарот за јавно здравје Велес
11.12.2020
Суб специјалистот по кардиологија др Весна Николовска Неделкова и портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес од понеделник 14 декември ќе биде в.д директор на велешкиот Центар за јавно здравје. Неа ја назначил вчера министерот за здравство Венко Филипче кога ја разрешил досегашната в.д директорка Анастасија Иванова специјалист по микробиологија и паразитологија.
Како што дознава Дума.мк, др. Иванова, е разрешена поради нарушува на меѓучовечките односи и угледот на институцијата.
Др.Николовска Неделкова е специјалист по интерна медицина од 2013 година и суб специјалист по кардиологија од 2018 година. Таа во изминативе 15 години беше лекар на тимот на Одделението за интерни болести во велешка болница. Претходно, пред специјализациите др. Николовска Неделкова беше лекар по општа пракса и три години работеше како матичен лекар.
Инаку на денот на разрешувањето на старата и именувањето на новата в.д директорка, досегашната др. Иванова во фејсбук статус објави дека Центар за јавно здравје Велес е добитник на Уверение за општествена одговорност, грижа за вработените, грижа за околината, филантропија, посветеност за напредок на општеството како и позитвен пристап во соработката кон трети компание како и со Сертификат за општествена одговорност IASS: RES.C 2020-2022 за интеграција во sertifikat.eu.mk или електронски систем за сегментација на правни субјекти со кој велешкиот Центар се препорачува да биде користен за услугите што ги дава. Во исто време оваа јавна здравствена установа се стекнала со бар код што може да го истакне јавно како потврда за нејзината интеграција во системот.
Како што дознава Дума.мк примопредавањето на функцијата од страна на старата на новата в.д директорка ќе се случи во понеделник на 14 декември.
Убавка Јаневска