Порибени со 1.600 килограми крап Вардар и Црна река како и велешкото езеро Младост
05.03.2021
Двеста килограми риба од видот крап заплива денеска во водите на река Вардар. Порибувањето се случи кај Железен Мост во Велес. Ова е редовна годишна активност на здружението на спортски риболовци „Бабуна“ кое исто така ја порибуваше и Црна Река како и велешкото езеро „Младост“.
– Станува збор за обврска што како концесионер ја имаме во ревирот со кои располагаме. Вообичаено, во овој период на годината, се порибува. Рибата е со просечна тежина од 800 грама што според договорот за консенција, го имаме. Освен задолжителните 500 килограми здружението на спортски риболовци „Бабуна“ направи напори и обезбеди уште дополнителни 1100 килограми риба од сопствени средства. Вкупно денеска во Црна Река, во река Вардар и на велешкото елезо „Младост“ се порибува количина од 1600 килограми, од кои 1000 килограми со големина од 2 до 4 килограми а останатите од 70 до 150 грама, рече Лазе Лазаревски, член на Здружение на спортски робиловци „Бабуна“.
Ова здружение ќе ги пориби водите и со пастрмка дококу временските услови и водотеците на реките го дозволат тоа. Од „Бабуна“ велат дека продолжуваат рибокрадството но се намалува бројот на рибокрадци.
-Рибокрадци има како и во сите сфери на живеењето. Се трудиме што помалку да ги има на ревирот но за жал постојат. Рибочуварската служба успева да се справи со нив. Минатата година беа откриени вкупно 103 мрежи и истите беа уништени додека за сторителите беа процесуирани пријави. Експлозивни направи минатата година не се сретнати на нашиот риболовен терен, додаде Лазаревски.
Здружението на спортски риболовци „Бабуна“, во кое членуваат околу 1000 риболовци од Велес и од државата, се обидува на секој начин да им овозможи услови за рибарење и во исто време да се справи со рибокрадците.
Стефани Манева
