Боречката организација ја избра Костурницата за нова локација на бистите на борците, реагира општината
Објавено: 15 октомври, 2013, во 16:30 часот
По прес конференцијата на советничката група на СДСМ на која беше соопштен ставот дека не се сложуваат бистите на борците од Народно ослободителната борба да бидат преместени од парковите во Спомен костурницата со реакција се огласи општина Велес. Во неа стои дека општината го превзела овој чекор на предлог на Боречката организација.
„Бистите што во изминатиот период ги поставувала Боречката организација на јавните површини во Општина Велес беа оштетени, украдени или целосно уништени. Организацијата на борците од НОВ се обраќаше до Општина Велес, во повеќе наврати, со барање да се утврди локација и да се постават на едно место сите бисти на народни херои и првоборци од Општината“, стои во писмената реакција на општина Велес.
Од таму појаснуваат дека општината во комплексот на Костурница ќе гради Алеја на херои, откако ќе ги санира оштетувањата на бистите и ќе излее нови за оние кои се украдени. Сретствата ќе бидат обезбедени од општинскиот буџет поточно од програмата за култура за 2014 година.
„ Општина Велес иако не е сопственик на овие спомен-обележја, бидејќи тие се сведоштво на едно херојско минато на нашиот народ, го прифати барањето на Боречката организација да ги дислоцира, санира и заштити спомен-обележјата сметајќи дека на тој начин директно се заложува за негување и сочувување на историските вредности.
Инаку на вчерашната седница Советот на Општина Велес донесе одлука за дислокација на спомен-обележјата и секој што чувствуваше потреба да даде свое мислење по овој документ или да учествува во расправата по него, можеше да го стори тоа на самата седница без оглед дали е член на Советот на Општина Велес или граѓанин на Велес“, стои во писмената реакција на општина Велес.


