ЦИВИЛ регистрира бројни прекршувања на граѓански и човекови права во централна Македонија
Подем на кршење на демократијата по основ на политичка припадност, политичките тензии или нетрпеливост влезе во секојдневието на граѓаните. Политичката дискриминација бидејќи некој е припадник или симпатизер на друга политичка опција па затоа тој е омаловажен или му се ускратени различни права и слободи од страна на институциите кои треба да имаат непристрасен пристап кон сите граѓани и граѓанки во централниот дел на државата.
Овие случаи на прекршување на човековите права ги забележил и евидентирал тимот на Цивил – Центар за слобода заедно со Работнaта група за човекови права, солидарност и толеранција формирана во рамки на проектот „Избери демократија!“.
– Она што е особено важно е што дури и сите оние граѓани и граѓанки кои никогаш не покажале некаква симпатија или пак членство во некаква политичка партија да се приклонат кон одредена политичка структура. Ова е особено забележливо затоа што имаме уште едни избори, на една година по претходните. Граѓаните и граѓанките кои се во постојана комуникација со цивил ни јавуваат дека предизборната кампања не ни запрана. Тоа се гледа насекаде, луѓе кои се вработени во администрација како и во јавни институции кои треба да бидат сервис за граѓаните, ако се припадници на опозициска политичка партија тие се деградирани, навредувани дури и гласно што никако не е дозволено а граѓаните кои доаѓаат за да добијат услуги тие добиваат во зависност од тоа на која политичка партија и припаѓаат, полоши или подобри услуги, рече Џабир Дерала од Цивил.
Тој додаде дека Тимот на Цивил, на терен, забележал и прекршувања на човекови права кои во предизборниот период се манифестирале преку притисок врз вработените во државната администрација или јавните институции за носење на потенцијално ново гласачко тело како и дека е забележано условување на невработени граѓанки и граѓани за да останат на листата на Агенцијата за вработување.
На трибината во Велес како пример за забележана дискриминација по основ на етничка припадност беше посочена неможноста на граѓаните и граѓанките Роми да излезат надвор од границите на Република Македонија. За нив Џелал Хоџиќ рече дека биле враќани без објаснување иако поседувале важечки пасош, билет за патување и пари. Тој исто така го посочи и проблемот на стечајните работници како суштинско прекршување на човеково право.
– Стечајните работници се градители на Република Македонија и воопшто на општеството бидејки со сопствениот труд низ годините ја граделе оваа држава, од нивните плати издвојувале и плакале пензиско – инвалидско и здравствено осигурување. Денеска тие луѓе се оставени на улица и нивниот проблем не е решен. Вкупната бројка на стечајци во Македонија е околу 6 илјади, рапидно намалена бидејки пред неколку години изнесуваше 10 илјади, како резултат на огромен морталитет или сиромаштија. Решавањето на проблемот на сите стечајци државата на годишно ниво би ја чинеле не повеќе од 7,5 милиони евра. Државата одбива тоа да го направи а догодина ќе гради Панорамско тркало кое ќе ја чини помеѓу 12 и 18 милиони евра. Овој проблем најдобро го покажува односот на државата кон граѓаните, рече Џелал Хоџик од Цивил.
Според него последната владина мерка нема да го реши проблемот на сите стечајни работници туку со неа ќе бидат опфатени многу мал број од нив.
На трибината од Димче Велев и Данче Ангелова, беа презентирани и други случаи кои тимот на Цивил ги регистрирал, во изминатите неколку месеци, на терен а ги соопштиле граѓани во регионот кој започнува од Кочани, ги опфака градовите во централна Македонија и завршува во Гевгелија.
Свои ставови и проблеми на прекршување на граѓански и човекови права соопштија граѓани од Велес и регионот./Б.Н