(ФОТО) Другарчињата и помогнаа на малата Викторија Андовска сега на ред се граѓаните
Едни ги облекоа еколошки костими, подготвени од кеси и најлон, и ја организираа најубавата модна ревија. Други свиреа и пееја а трети танцуваа. Четврти ги изложија рачно изработените експонати кои се продаваа по симболични цени исто како и слатките што со љубов ги подготвија нивните мајки.
Се ова вечерва сторија учениците од основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ за да и помогнат на својата другарка Викторија Андовска од прво одделение на која и треба љубов, поддршка и финансиски сретства за да се излекува. Девојчето го преброди пресадувањето на коскена с`рж и сега и треба внимание за да закрепне од тешката болест.
– Ова го правиме во пресрет на големиот христијански празник Прочка, кога небото и земјата се проштеваат, кога секој на секого подава рака, кога помладите бараат прошка од постарите, а ние заедно со учениците ќе ја побараме од родителите за ненамерните грешки. Тие се деца и сигурно не направиле нешто намерно. А својата рака ќе ја подадеме на нашата сакана ученичка Викторија Андовска чија здравствена состојба е влошена. Оваа преполна сала навистина ме радува затоа што покажува дека овде има голем број на хуманисти, со големо срце кои вечерва дојдоа да и помогнат на Викторија, рече директорката на училиштето Анита Mирчевска.
На малото девојче можат да му помогнат сите граѓани. Секој колку може. Секоја донација за Викторија е добредојдена и ќе помогне во лекувањето. Нејзините другари се надеваат дека она што вечерва се случуваше во училиштето ќе поттикне многу хумани граѓани.