(ФОТО) За една година вдомени 157 и укажана лекарска помош на над 90 бездомни животни!
Здружението за заштита на животните „Гласот на животните“ го прослави својот прв роденден уште еднаш потсетувајќи на значењето за поткревање на свеста кај граѓаните како и за значењето на грижата кон животните. Четириесетината активисти се горди на едногодишната работа, бидејќи како што велат во мизерни услови и со малку помош успеале да вдомат 157 животни од кои на 90 им требало сериозна медицинска грижа. Тие се и првите кои поднесоа тужба против човек кој уби маче и кој беше осуден во велешкиот суд.
– Роденденот се совпаѓа со спасувањето на кучето Наполеон, кое иако остана со три нозе успеавме да го вдомиме дури во Америка. Горди сме на ова, но и на сите останати случаи во кои успеавме да помогнеме на животни. Од друга страна за една година граѓаните не запознаа и се почесто кај нас пријавуваат насилство врз животни или пак апел за помош за напуштено милениче па така знаат да ни се јават и во три часот по полноќ за да интервенираме, вели Маги Ѓорѓиева, претседател на „ Гласот на животните“.
Сепак борбата за подобрување на ситуацијата е тешка велат од здружението од каде потенцираат дека секојдневно има се повеќе повици за помош, тие се премалку активисти и волонтери, па апелираат и луѓето сами да помогнат во ситуација кога ќе наидат на беспомошно животно.
– До сега ниту една институција не ни помогнала, освен поединци кои се љубители на животни. Годинава ќе се насочиме кон соработка со фондови од Америка, Германија, Холандија и Англија и се надеваме на поголеми успеси. Планираме да отвориме приватен шелтер центар, а и да го реализираме проектот за поткревање на свеста кај граѓаните кој го работиме во соработка со Анима мунди“, вели Ѓорѓиева.
На синоќешната караоке журка активистите на Гласот на животните покажаа дека освен што спасуваат животни, знаат и добро да пејат. На пријателите им дадоа благодарници, а особена чест им причинуваше што како специјален гостин ја имаа германката Кристина Свими, жената која помогна во авионскиот транспорт на кучето Наполеон за Америка. На крај забавата ја завршија со парче роденденска торта./ Б.Н.