Гимназијалците им посветија осмомартовски поетско – музички колаж на велешанки
Во три блока ги рецитираа најубавите љубовни песни, дел од нив напишани од патронот Коста Солев Рацин во неговата Антологија на болката, ги отпеаја македонските евергрини за да им покажат на велешанки дека во пресрет на денот на жената, 8 март, помислиле и на нив.
Дваесет ученици на средното училиште прикажаа програма која им ја посветија на своите професорки, мајки но и на сограѓанките кои ако дојдоа во поголем број тогаш сигурно дека ќе си заминеа задоволни и констатирајки го големиот уметнички потенцијал на интерпретаторите. Поголем дел од учениците поседуваат талент за рецитирање, за глума и за вокална интерпретација.
– Програмата траеше четирисеттина минути а учениците работеа десет пати повеќе и околу 600 часа неуморно вежбаа и пробаа. Можам да ви кажам дека целосно се вложија во она што вечерва го прикажаа. Како ментори, јас и колегите Весна Павлова и Стојанче Иванов, сме задоволни, рече професорот по македонски јазик Ивица Темов.
Гимназијалците традиционално во пресрет на меѓународниот ден на жената прикажуваат програма што сами ја подготвуваат. Лани и годинава неа можат да ја проследат сите заинтересирани жени. Претходно програмата беше наменета само за нивните професорки.