“Над Велес знаме се вее“, химна на велешките Извидници
Членовите на извидничкиот одред „Димитар Влахов“ си имаат и химна. Ја создадоа така што членот на одредот Бојан Миклош го напиша текстот на музика на Маршот на 8 – мата велешка бригада. Химната на најстариот македонски извиднички одред беше промовирана на завршната свеченост по повод јубилејот 60 години извидништво во Велес.
Вокалната изведба е на Ненад Миклош, Емилија Мурџева и Марија Мијакова. Извидничката химна е снимена во студиото на 5 ФМ Радио. Тонски продуцент е Оливер Тевчев.
„Над Велес знаме се вее“ е ставена на носач на звук заедно со химната на Сојузот на Извидници на Македонија. На промоцијата старешината на одредот Ангелче Гушев рече дека музиката на првата градска извидничка химна во Македонија е добро позната на велешани бидејки со неа со децении почнуваше и завршуваше програмата на сега веќе згаснатото локално радио Велес.
– Како најстара младинска организација во Македонија извидничкиот одред секогаш сака да воведе иновации во работење со што ќе изврши и создавање на јак младински бренд во Велес , а со што и Општината Велес ќе се препознава и гордее. Затоа решивме да создадеме градска извидничка химна. Додека во изминатите години го слушавме локалното Радио Велес се сеќаваме како започнуваше неговата програма со маршот со кој беше ослободен град Велес. Градот се гордееше со интонирањето на тој марш напишан од основачот на нижото музичко училиште нашиот сограѓанин ,Иван Николов – Танго. На истата музика ја создадовме и градската извидничка химна “Над Велес знаме се вее, рече Гушев.
На промоцијата извидниците го преставија основачот на светкиот скаутизам Сер Роберт Баден Пауел. Потоа следеше промоција на нивната севкупна шест децениска работа како и плановите за седмата деценија на работење на одредот.