Лозарите на протести пред Повардарие за неисплатено грозје
Винарската визба „Повардарие“ во Неготино сеуште не им го исплатила грозјето, од минатата реколта, а лозарите утрово организираа протест пред капиите на визбата. Соопштија дека односот на визбата е несериозен кон нив, никој не се интересира како живеат и дека на многумина од нив лозарството им е главен извор на егзистенција.
– Кога ни го купуваа родот добивме ветување дека исплатата ќе биде завршена за 30 дена, а еве поминаа и 150 дена, а пари сеуште нема. Неможе некој локален моќник да си игра со нашите пари. Ние како земјоделци од тоа егзистираме. И малкуте пари за нас се многу. Ни должат околу 30 милиони денари за смедеревка и вранец. Договорот за белото гројзе беше 30 дена за исплата, а сеуште нема пари. Може да замислиме што ќе биде со црното грозје. Околу 3 милиони килограми имам предадено во Повардарие, рече сопственикот на фирмата „Полет шпед“ од село Тремник, фирма која откупуваше грозје за винаријата од индивидуалните лозари.
Тој посочи дека доколку не ги добијат парите лозарите ќе преземат порадикални мерки.Бројни беа и оние кои упатија сериозни критики до власта дека треба да внимава кому му дава дозвола да откупува грозје и дека треба да престане да ги штити винариите.
– По колку години,треба да чекаме за да добиеме пари, десет луѓе во фамилијата сме дома, сите чекаат од мене ,ниеден не е вработен и што да правам сега, да продадам 20 тони на Неготино на подрумот, 20 тони на Винојуг, 20 тони во Кавадарци и кога јас ќе допрам до пари сите ако ме лажат така по две години, рече незадоволен лозар.
На лозарите поддршка им даде и лидерот на Агротиквешија Љупчо Аризанов кој посочи дека е забавена динамиката на исплата во неготинскиот винарски подрум. Нагласи дека иако лозарите добиле ветување за белото грозје, смедервката ќе се плаќа во рок од 30 дена по откупот, сепак пари сеуште нема.
– Знаеме дека рокот за исплата е 30 април, но смедеревката беше многу барана и склучуваа визбите договори дека ќе се плаќаат во рок од 30 дена. Визбите треба да си стојат на договорот за да можат лозарите да опстанат. На лозарите им се потребни пари за да можат повторно да работат на лозовите насади, рече Аризанов.
Од винаријата „Повардарие“ соопштија дека законскиот рок за исплата на грозјето истекувал на 30 април,тој рок не бил поминат, а исплатата течела и немало потреба од нервоза кај лозарите./Б.Н.Т