Муфтијата Чоревски и ИВЗ денеска не соопштија став за случувањата во џамијата во Горно Оризари
Mуфтијата Адем Чоревски, иако вети денеска не даде изјава за случувањата во џамијата во Горно Оризари. На телефон ни објасни дека сепак за тоа бил надлежен поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи. Но досега ниту Реисот не ги соопшти официјалните ставови на оваа верска заедница поврзани со минатонеделните случувања во џамијата во селото во која има несогласувања околу ново поставениот оџа.
Таму на денот кога требало да му се врачи решението на оџата, потпишано од поглаварот на ИВЗ, документот бил искинат а претседателот на џамискиот одбор бил физички нападнат. Според дел од жителите во Горно Оризари поделеноста ја поттикнале припадници на радикалниот ислам кои сакале превласт над останатите кои го почитувале стариот ислам. Овие жители на селото, додека стоеја пред џамијата и велеа дека нема да влезат внатре се додека не се испочитува одлуката на ИВЗ, сметаат дека состојбата ја поттикнале припадниците на другата група финансирана од странски фондации. Токму нив ги посочија за виновни за минатонеделните случувања во џамијата.
И полицијата го расветлува случајот. Од СВР Велес најавија кривични пријави за напаѓачот на претседателот на џамискиот одбор за спречување на верски обред и за физички напад./Б.Н