Граѓаните на Стојанче, засега, му подарија 2 илјади евра но за лекувањето во Кина му се потребни уште 13,5 илјади долари
Објавено: 29 октомври, 2013, во 16:05 часот
За еден месец, семејството на Стојанче Димовски, собра само 2 илјади евра од потребните 15 илјади долари за лекувањето во Кина. Толку можеле да ни помогнат граѓаните, рече мајка му Македонка. Ако ги соберат парите нејзиниот син и Македонка на 1 декември, годинава, треба да бидат во Кина од каде лекарите испратија мејл со охрабрувачка порака дека Стојанче ќе прооди.
– За нас и таа помош, тие собрани пари се добредојдени. Им благодариме на сите кои почувствуваа дека можат и ни помогнаа со доброволни прилози. Ние знаеме дека се потребни надчовечки напори за да се собере потребната сума од 15 илјади долари. Но нема да се откажеме иако пред нас се само триесеттина дена. Не смеам да се откажам од претчуството дека моето дете ќе прооди. Ние максимално се вложивме во изминативе единаесет години во подобрувањето на неговото здравје со дијагноза церебрална парализа. Ги преживеавме операциите на тетивите на нозете, редовно одевме на рехабилитација, на физикални третмани и бањски лекувања. Тоа даде резултат. Стојанче застана на нозе и почна да чекори. Тогаш и јас повторно се родив, почна да ја раскажува својата животна приказна Македонка.

Упорноста на оваа мајка, секојдневниот поттик, охрабрување и поддршка за Стојанче значеа многу. Сега зад нив се многу избришани солзи од лицето на детето кога почна да стои на двете нозе. Македонка и Стојанче заедно ја победија и болката во мускулатурата во двете нозе на детето. Ги делеа и насмевките кога беа направени првите чекори. Тоа беше нивна, заедничка победа, над атрофираните мускули. Со постојана физикална терапија ги поттикнавме мускулите да функционираат, рече Македонка.
– Ние сме си еден на друг потпора во животот. Јас го држам кога Стојанче станува а потоа го придржувам кога тој чекори. Така заедно прво доаѓаме до металната шипка во претсобљето. Стојанче со рацете се фаќа за неа и таа потоа е неговиот помошник. Јас стојам и бројам а тој чекори. Секој ден правиме се поголем број на чекори. Почнавме со десетина а сега имаме резултат во кои броиме стотици нови чекори. И статичниот велосипед е наш голем другар. Со него се дружиме секој ден. Стојанче ги врти педалата се полесно и во се поголем број, рече Македонка.

Стојанче ја слушаше мајка му што зборува. Климаше со главата а потоа се вклучи во разговорот.
– Вежбам затоа што така ги правам поцврсти мускулите за потоа да можам полесно да одам, рече Стојанче. Тој живее со желбата да почне да оди, да трча и да игра фудбал со другарите. Неколку пати ја праша мајка му колку се тоа 15 илјади долари и уште колку треба за да одат на лекување. Многу сине, му одговори Македонка.
Таа уште еднаш рече дека се надева на хуманоста на граѓаните и фирмите од што зависи тримесечниот престој и лекување на Стојанче во Кина./Б.Н
На Стојанче можат да му помогнат сите граѓани на следниве жиро сметки и мобилни телефони на операторите
ВИП – 077/ 143 705
Т-МОБИЛЕ 070/143 105
Трансакциски сметки во СТОПАНСКА БАНКА на име Димовски Стојан
Денарска – 200002631002093
Девизна – 0026311459


