Несовесни велешани создаваат дива депонија со шут
На помалку од петстотини метри од градската се создава втора нелегална депонија за шут. Градежен отпад, камења, остатоци од малтер и бетон се истураат по патот од крајот на населбата Керамидна во правец на Превалец. Шутот се носи во трактори или приколки и се кипа без да се покаже најмала грижа за животната средина, за прашината и земјата што ветрот ги носи во домовите, велат жители чии куќи се наоѓаат на првата линија пред дивата депонија.
Без разлика што на само петстотини метри се наоѓа градската депонија за шут тој е искипан до земјен пат кој води кон блиските ниви и лозја. Освен искршени камења, тули и керамиди таму има и искршено стакло. Патот го користат велешани кои имаат лозја и ниви во близина на населбата Керамидна. По него одат за да стигнат и до природна чешма од која полнат вода.
– Сега бројот на приколки со шут е помал но да дојдете и да видите како е кога ќе почне градежната сезона. Тогаш ги има во огромен број. На никого не му е грижа што ние овде живееме. Те гледаат дека ги гледаш и си истураат, мака немаат. Прво глетката не е добра, второ ветерот се ни носи дома а трето нашите деца играат таму, рече жител на населбата.
– По патот нагоре не се оди, ако е земјен ние го користиме за пешачење до лозјата. Со возило поарно да не одиш оти од срчите гумите ќе ги искинеш, рече жител на населбата.
Овие велешани раскажаа како несовесни граѓани се скржават за 100 денари од трактор и не го носат шутот на градската депонија. Доаѓале од сите страни на градот. Со нив било тешко да се излезе на крај бидејќи се расправале со жителите а и со вработените на градската депонија.
Жителите во најблиските куќи до дивата депонија побараа да се превземат мерки и да се воведе ред додека сеуште има време да се спасат и тие но и околната низ која секојдневно минуваат за да стигнат дома./Б.Н