Пченицата и јачменот во велешко во добра состојба
Стравувањата на земјоделците поради сушата и ниските температури се надминати. По последните дождови и прехранувањето со азотно ѓубре, пченицата и јачменот добро напредуваат. Дел од површините се преорани и се подготвени за престојната пролетна сеидба.
– Доколку падне дожд во април или мај тогаш со сигурност годинава земјоделците можат да очекуваат повеќе од добри приноси, вели Зоран Ивковиќ, претседател на регионалното здружение на земјоделците.
Под пченица и јачмен во Велес, Градско и Чашка се посеани 7.300 хектари од кои 4.200 се под пченица. Прихранувањето на посевите е при крај, а паралелно со него земјоделците ја подготвуваат земјата за пролетната сеидба.
Од подрачната единица на министерството за земјоделство информираат дека под пролетни култури годинава се планира да се посеат повеќе од 6.000 хектари.
Покрај сончогледот, бостанот, тутунот, поголеми површини ќе бидат насадени градинарски култури, најмногу домати, пиперки, компир и грав.
Под тутун и годинава се планира да бидат засадени 1.100 хектари./Д.С