Риболовството извор на егзистенција за многумина велешани

Објавено: 7 јануари, 2014, во 14:43 часот

Многумина велешани, со години, семејствата ги прехрануваат со ловење риба. Секојдневно рибари стојат на бреговите на Вардар, ги фрлаат јадиците и упорно, со часови чекаат за да уловат риба. Дел од нив влегуваат и во водата, независно дали е лето или зима. Еден од нив е и невработениот Гане Мехмед.

– Среќен сум денес ова е по велешки што се вели скобал, секојдневно сум тука, без работа сум, па ќе фатиме нешто и ќе однесеме дома. Студи ама што да се прави, со две деца сум, летно време земјоделие работам, во зима овде сум. Мора нешто да се работи, рече Мехмед.

Рибарите не се откажуваат од ловење ниту во зима кога температурите се спуштат по неколку степени под нулата. Во центарот на градот, на кејот на реката, се собираат, разговараат па дури имаат и гости кои доаѓаат за да набљудуваат кој уловил најголема а кој најмала риба. Поголем дел од рибарите се луѓе во години, кои останале без работа па продавајќи ја рибата која ќе ја уловат ги прехранувааат семејствата. Сепак велат и покрај тешкиот живот дружбата на брегот им го исполнува денот.

– Што да се прави сите сме без работа, мора да се улови нешто и да се однесе дома или пак ќе продадеме. Се дружиме, тешко е, но полесно е кога си во друштво, вели рибар

Зголемен е бројот на граѓани кои бараат дозвола за ловење на риба покажува евиденцијата на риболовното друштво „Бабуна“. Тие се концесионери на велешкиот ривир. Од друштвото,годишно, се вадат и до 1000 дозволи, а поради социјалниот момент дозволите имаат достапни цени. И ним им е јасно дека дозволата за многумина велешани преставува можност за обезбедување на егзистенција.

– Знаеме дека има и такви риболовци, законодавецот не го дозволува ова, но мора да се сфати и социјалниот момент и да се разберат и овие луѓе, рече Лазе Лазаревски од СРД „ Бабуна“.

Сега рибарите се надеваат дека ќе се покачи нивото на Вардар бидејќи во моментов е многу ниско. А токму од тоа зависи колку ќе изнедува нивниот улов. На висок водостој може да се улови над три килограми риба и тогаш се заработува над 400 денари дневно. Тоа значи сигурен оброк за семејствата на овие луѓе./Б.Н

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.