„Ромски глас“ бара вработување на советник за ромски прашања во општината
Да се вработи советник за ромски прашања побара Здружението „Романо Авази“ или ромски глас. Претставници на здружението денеска се сретнаа со градоначалникот Славчо Чадиев. Му предадоа и петиција со 550 потписи на граѓани од ромска националност. Преку советник во општината, ромите ќе бидат информирани и во тек за се што се случува во градот, велат претставниците на граѓанското здружение.
– Така многу побрзо ќе дознаваме доколку има отворен оглас за вработување. Па затоа анкетиравме околу 500 роми кои се изјаснија дека имаат потреба од едно лице во општината, кој ќе биде задолжено за нашите проблеми, рече Ерсан Алиев, претставник на Романо Авази.
Целта на здружението е јакнење и организирање на ромската заедница во градот. Токму затоа побараа нивен човек во Советот.
– Во делот на вработувањето јасно стои дека доколку нема претставник на оваа заедница, тогаш градоначалникот треба да вработи советник кој ќе биде одговорен за ромските прашања, рече Акиф Караман, претседател на Романо авази.
Што ќе одлучи локалната власт по ова прашање, ромите од Велес, ќе дознаат по завршување на претседателските и парламентарните избори./Д.С