Стечајците за паричен надомест од државата се жалат на шетање по институции за дополнителни документи
Не се почитува правилото стечајните работници за паричен надомест да аплицираат само со лична карта. Тие што денеска беа во Агенцијата за вработување тврдеа дека им бараат уште копии од трансакциони сметки, решенија за престанок на работен однос и вкупен стаж. Негодуваа затоа што за тоа им треба време и дополнително вадење на документи.
– Дојдовме како што рекоа само со лична карта, но тука започнаа да ни барат и други документи, трансакциски и некои други па не шетаат натаму наваму, мислам веќе претераа, рече Методиј Брчков.
– Ми се јавија ми рекоа да дојдам да поднесам документи и да носам само лична карта, кога гледам сега сосем друго е тука, вели Тошо Томев.
Овие стечајци се сомневаат во ваквите барања на податоци од страна на Агенцијата. Побараа директорот да реагира, бидејќи токму тој најави дека ќе биде потребна само лична карта.
– Се работи за измачени луѓе кои доаѓаат од секаде, а овде ги шетаат од институција во институција. Ова со трансакционата сметка може да се злопоутреби што не би сакале да се случува, вели Томо Крстиќ од Здружение на стечајци „Страв“.
Раководителката на Агенцијата негираше дека на стечајците им се бараат дополнителни документи.
– Можат да си поднесат барање само со лична карта, а доколку носат трансакциска сметка ги земаме за понатамошна анализа, но не ги тераме странките. Доколку носат документи и од Фондот ги земаме. Инаку од вчера веќе почнавме да испраќаме листинзи и во Фондот и од таму ние си ги земаме податоците по службена должност, вели Валентина Костенова.
Директорката повика стечајни работници, кои беа во зградата на Агенцијата за вработување, со цел да потврдат дека не се во право стечајните работници кои се жалат.Но, повиканите го тврдеа спротивното токму како и останатите.
Постапката за пријавување на стечајците по законот за материјално обезбедување започна од вчера. Директорката Костенова очекува голем број на поднесени барања. Денеска не можеше да соопшти точна бројка која ќе се појави во општината во која имаше околу 6 илјади стечајни работници бидејки никој не знае од кој се фирми и колку луѓе ќе ги исполнат условите кои ги пропишува ново донесениот закон./Б.Н