Стигнуваат елементите со кои општината ке разграничува простор на кафетериската улица во градот
Ќе се воспостави ли ред кај кафетериите наспроти Гимназијата. Општината веќе ги порачала елементите кои ќе се постават пред нив со цел да се разграничи до каде можат да поставуваат маси и столчиња. Треба да бидат готови за десетина дена.
– За десетина дена ќе бидат поставени елементите што ги изработува Урбан инвест. А на сопствениците на кафиќите им е предочено да си ја исполнат својата обврска и да тргнат се што е поставено на јавните зелени површини, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.
Самоволието на газдите на кафетериите трае со години. Безуспешни беа бројните реакции на граѓаните и предупредувањата на општинските власти за узурпација на зелените површини. Досега никој од нив не одговараше, инспекторите освен опомени не напишале ниту една казна.
– Прво се опоменува, па има рок за корегирање на опомената, па дури потоа се пристапува со казна. Многу е подобро да се разговара и да се укаже на проблемот отколку да се казнува, а и казните се многу мали, рече Чадиев.
Поплаките на граѓаните се повторуваат речиси секоја година. Реагираа и сопствениците на кафетериите. Тие соопштија дека , штом се запролети, ја поставуваат својата опрема, за која плаќаат надомест на општината.
На станарите во зградите преку медиумите им одговорија дека не се узурпатори туку дека водат сметка за јавните зелени површини, кои всушност им припаѓаат на сите, го соопштија својот дамнешен предлог што и го дале на општината тие да се повлечат од зеленилото и да партиципараат во уредувањето а за сметка на тоа да им дозволат да го користат делот кој никому не пречи на бетонот пред зградите./Д.С