Судијката Валентина Петровска именувана за в.д претседател на Основниот суд во Велес
Одлуката е донесена на денешната седница на Републичкиот судски совет. Ја потврди досегашниот претседател на судот, Јордан Лазаров. Тој соопшти дека заминува во пензија и дека на денешната седница е донесена одлука за именување на вршител на должност претседател на судот, до изборот на новиот претседател.
– Републичкиот судски совет денеска именувал десет судии за претседатели на судови во Македонија. Исто така за в.д претседател на судот во Велес е именувана судијката Валентина Петрова. Решението го очекуваме најдоцна до понеделник. Тогаш ќе направиме и примопредавање бидејќи јас ги исполнив условите и заминувам во пензија, рече Лазаров.
Судијката Петровска четири години ја извршуваше функцијата заменик на претседателот на судот во Велес. Таа осумнаесет години работи во судот. Во моментов ги работи трговските спорови, стечајните предмети и ликвидации. Според оценката на РСС , Петровска, има најдобар квалитет на пресудување што значи дека има најмалку укинати предмети од страна на Апелацискиот суд во Скопје.
Таа најверојатно функцијата в.д претседател ќе ја извршува во наредните два до три месеци кога комплетно ќе треба да завршат изборите за претседател на Македонија и вонредните парламентарни. Потоа се очекува да биде донесена конечната одлука и избран новиот претседател на судот за чие место веќе конкурираа судијките Лидија Димова и Весна Јачева како и судијата Александар Шопов./Б.Н