Свечена заклетва на нова генерација на војници доброволци во АРМ
Мартина Ѓоргиева е дваесет и едногодишна девојка од Штип која пред две недели ја облече војничката униформа и почна доброволно да служи воен рок во обучниот центар на Командата во Велес на АРМ. Таа е само една од тринаесетте девојки или од двеста и петте војници од упатниот контингент „Февруари – 2014“. Војник Горгиева има дваесет и една година и дипломирала на Факултетот за образовни науки на Универзитетот во Штип. Таа посакува наскоро да стане дел од професионалниот состав на АРМ во кои сега 10 отсто од вкупниот број на војници се жени.
– Предизвик ми беше униформата. Наутро имаме вежби и до крајот денот ми е исполнет со обврски. Не е воопшто тешко. Јас сум тука затоа што знам дека се се постигнува ако се сака, рече војник Ѓоргиева.
Таа денеска даде свечена заклетва заедно со сите војници, припадници на 22 генерација граѓани кои доброволно дојдоа да служат воен рок.
– Давањето на заклетва, во разни форми е традиција која постоела и постои не само во воените формации туку и во другите институции каде што се бара лојалност, пожртвуваност и доследно поќитување на обврските и должностите. Заклетвата како бранители на слободата и независноста на својата татковина е чин достоен на храбрите, на оние кои се подготвени ако треба да го жртвуваат и својот живот, рече Командантот на Командата за обука и доктрини полковник Љупчо Костовски.
Војниците ги поздрави и министерот за одбрана Талат Џафери кој посака, во иднина припадничките на понежниот пол да ги има во што поголем број во редовите на доброволците и професионалниот состав за кој од пред еден месец, со донесувањето на Законот за изменување на Законот за служба во АРМ и трајно решавање на статусот на професионалните војници се очекува поголем интерес.
– Тоа е дополнителен стимул за вас посветено да ја совладате оваа обука и со вашите новостекнати вештини да бидете идниот столб на одбраната на Република Македонија, рече Џафери.
На свечената заклетва присуствуваа и заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Насер Сејдини, претставници од МО и ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднините на војниците и други гости.