Велес кубури со паркинг простор
Слободно место нема ниту за лек. Едвај се наоѓа слободен паркинг простор во градот. Треба да ви се посреќи кога ќе излезете да завршите некоја работа. Во спротивно ќе вртите кругови низ градските улици се додека не најдете какво било место, на соодветно па дури и на најодалечено растојание од местото на кое треба да одите. А ваков метеж има не само во пазраните денови туку секојдневно.
Врвца од автомобили има и на улиците ама и на тротоарите, местата кoи по правило се наменети за пешаците. Па честопати тие сакале или не се движат по коловозот наместо по тротоарите. Со овој гролив проблем градот се соочува со години наназад.
Разни гарнитури на локалните власти во минатото ветуваа секакви решенија, но од тоа досега ништо. Во градот се возат се повеќе автомобили наспроти капацитетот на неколкуте паркинг простори. Велешани велат, крајно време е да се изгради нов паркинг простор.
– Никогаш не можам да најдам слободен паркинг простор, а доаѓам од далеку да завршам административни работи во центарот. Ова е хаос, често пати ми се случува да задоцнам и на работа.
– Крајно неопходно е да се изгради нов паркин во Велес.
Инаку ќе има сериозни проблеми, коли има се повеќе, луѓето нема каде да ги паркираат, па често ги узурпираат тротоарите. Но овој проблем ќе се реши донекаде годинава, ветува градоначалникот Славчо Чадиев. Генералниот урбанистички план за централното градско подрачје веќе бил во завршна фаза, а во него се предвидени нови паркинг простори, па дури и катна гаража.
– Генералниот урбанистички план ќе се најде на седница за два месеца. Тој се донесува ретко па затоа ќе се испочитуваат сите процедури во него. Годинава ќе изградиме паркинг простор во градот, рече Чадиев. Паркинг простот е предвидено да се изгради од левата страна на градот, веднаш спроти факултетот илипоранешното основно Јордан Хаџи Константинов Џинот. Друг паркинг е планиран зад Гимназијата Кочо Рацин, а катната гаража на местото на сегашниот единствен поголем во градот, пред судот. Еден паркинг простор е предвиден пред факултетот. Се надеваме дека со него значајно ќе се намали метежот во сообраќајот, а и не е далеку, граѓаните само треба да го преминат мостот и се во центарот на градот, рече Чадиев.
Велешани се надеваат дека можеби овој пат ветувањата ќе се остварат, па надлежните ќе решат еден горлив проблем со кој тие одамна се соочуваат. Инаку во градот има четири паркинг простори со капацитет од триста автомобили, што е премалку за илјадниците кои секојдневно се по градските улици./Д.С