Во последниве осумнаесет месеци 228 лекари си заминале од Македонија
Во странство заминаа за повисока плата и сега во државава речиси и да нема лекари кои бараат работа во Агенцијата за вработување. Сопственици на приватни амбуланти мака мачат за да најдат и вработат лекари, соопштија од Здружението на приватни лекари. Според претседателката, д-р Лили Чолакова Дервишова, последен пример на сопственик кој не може да си најде лекар за приватната амбуланта бил на нејзин колега во источна Македонија. Тој барал повеќе месеци лекар.
– За да изучи еден лекар факултет од шест години е многу скапо. Мислам дека затоа треба да биде соодветно платен и сосотојбата е навистина алармантна, рече д-р Чолакова Дервишова.
Од еснафското здружение се плашат дека ваквата здравствена политика, во земјава доколку продолжи ќе се зголемува недостатокот на лекари. Тврдат дека не се доволни ниту субвенциите од 40 илјади денари за отворање и одржување на лекарска ординација. Нивните пресметки покажале дека тоа е многу поскапа работа.
– Здравството е многу скапа работа и треба пари за одржување на ординација. Затоа треба да се седне и да се размисли, да се најдат решенија. Кај нас вложувањето во здравството изнесува само 7, 3 проценти, во соседна Србија е 12, 5, исто така и во Бугарија, рече д-р Чолакова Дервишова.
Таа ги повика надлежните институции сериозно да размислат како да ги задржат лекарите во Македонија бидејќи се друго ќе го продолжи одлевањето на кадарот надвор од државните граници а тоа негативно ќе се одрази врз македонското здравство./Д.С