Во „Ронтис“ комплетно подготвен нов погон
Во фабриката за медицински помагала „Ронтис“ е комплетно спремна втората производствена линија во нов, втор погон. Според предвидувањата на менаџерите, таму набрзо бројот на вработени ќе се зголеми двојно повеќе.
Она на што сега исто така е сконцентрирано целокупното внимание на инжинерите е поврзано и со процесот на стерилизација кој како посебен оддел треба во догледно време да профункционира во оваа фабрика. Директорката Бојана Димовска вели дека тоа е многу веројатно и единствено им треба потврда од клиентите.
– Нашите предвидувања се дека и годинава ќе го задржиме истото ниво на производство како лани, со тоа што ја очекуваме одлуката од страна на нашите клиенти и во колку таа биде позитивна, ќе го зголемиме капацитетот на производство за 50 отсто. За тоа сме подготвени кадровски и технички. Во фабриката во Велес работат 270 работници и поседуваме софистицирани машини и опрема кои гарантираат квалитет за потребите на светскиот медицински пазар. Во производството користиме репроматеријали поточно гранулат со висок степен на чистота како и пластисајзери што се гаранција за квалитетно производство, рече Димовска.
Таа додаде дека квалитетните производи се должат пред се на младата и стручна сила која работи во фабриката во Велес и која максимално дава се од себе во производствениот процес.
– Вработените се најзаслужни за постигнатиот квалитет на производите кои ги произведуваме бидејќи во главните оддели, каде што најмногу користиме работна сила, покажаа дека кога се анализира квалитетот на работа тие се еднакви со кадарот во компаниите во повеќе европски земји. Доколку се исполнат нашите цели кои си ги поставивме тогаш тоа ќе значи дека ќе го зголемиме капацитетот на производство и ќе можеме двојно да го зголемиме бројот на работни места во фабриката, рече Димовска.
Лани „Ронтис“ произведе 4 милиони и 750 илјади крвни линии, 600 илјади катетри и над 450 илјади инфузиски сетови./Б.Н