Вчеравечер Велес со голомразица, тројца граѓани се здобија со повреди

Објавено на 5 јануари, 2016 во 11:09

Замрзнатиот дожд што падна вчера попладне од 17.30 часот направи проблеми на улиците во Велес. Не само во повисоките делови од градот, каде улиците наликуваа на вистински лизгалишта туку поледица имаше и во централното градско подрачје. Замрзнатиот дожд го отежна движењето на граѓаните и на возилата. Службите за одржување на градските улици веднаш фрлија сол и немаше лизгања на возилата на главните сообраќајници. Но поинаква беше состојбата на тротоарите. За кратко време по нив не можеше да се оди.

Иста беше сликата и во споредните градски улици. На повисоките места низ тесните улици и маала граѓаните до утринава не можеа да се симнат во центарот. Слична беше состојбата и во пониските населени места но и во центарот на градот каде се уште има траги од голомразицата. Голем број граѓани побараа помош од итната медицинска помош поради паѓање на мразот. Некои од нив поминаа полесно но имаше и такви кои се здобија со скршеници на делови од телото. Најкарактеристични случаи се скршеници на подколеница кај двајца велешани и набиен колк кај трет пациент.

Дежурните лекари во итната медицинска помош велат дека зголемен е бројот на повици но се не можат да излезат на терен поради непристапноста на улиците. Пациенти кои живеат на улиците Стеван Богоев и јордан Џунов се уште чекаат помош од нив. Освен за скршеници во итната медицинска служба помош побарале и хронично болни со висок притисок и проблеми со срцето.

„Од утрово имаме зголемен број на интервенции. Се јавуваат и хронично болни кои имаат проблеми со срце и висок притисок. Но се уште не можеме да одговориме на повиците од повисоките делови на градот каде се уште има траги од голомразицата. Според евиденцијата на службата синоќа исто така беше зголемен бројот на повици од хронично болни граѓани. Евидентирани се три случаи на повреди стекнати од паѓање. Од нив две се скршеници на надколеница и подколеница и една набивање на колк“, рече д-р Алмедина Хајдарпашиќ од итна медицинска служба.

Надлежните од општината велат дека состојбата денеска е нормализирана. Служби на Јавното комунално претпријатие „Дервен“ фрлиле сол на главните сообраќајници и улици низ градов како и на улиците кои водат до црквите Св: Пантелејмон и Св. Спас. Исчистени од голомразицата се и тротоарите на главната улица. Подготвени за интервенирање се и службите на јавното претпријатие „Македонија пат“, па доколку е потребно и тие ќе се вклучат во расчистување на улиците и сообраќајниците во и надвор од градот./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.