Прекин во хлорирањето на водата ја предизвика бактеријата „ешерихија коли“ во селските водоводи

Објавено на 31 март, 2016 во 13:01

Присуството на бактеријата „ешерихија коли“ во водата за пиење од природните чешми во Велес и околината како и во селските водоводи во населените места значи дека граѓаните не смеат да ја пијат без да ја превријат. Последните анализи на центарот за јавно здравје покажаа присуство на на бактеријата во природните чешми кај Чука, Пузево трло, Штипска пруга и во природниот извор на улицата „Тодор Јанев“ во градот.

Неисправна за пиење е и водата од природните чешми во селата Караслари, Горно Оризари, Црквино, Иванковци, Кумарино, Мамутчево, Отовица и Чалошево. Во дел од тие населени места загадена е и водата во селските водоводи од кои се снабдуваат и тамошните училишта. Анализите на велешкиот Центар за јавно здравје беа причина за Агенцијата за храна и ветеринарство, пред три дена, да испрати соопштение до општина Велес за забрана на водата за пиење од овие чешми и да се преземе мерки за нејзино прочистување.

Од јавното комунално претпријатие Дервен денеска одговорија на нашите прашања со тоа што напишаа дека веќе поставиле табли со забрана за пиење на водата на сите природни чешми во градот и околните населени места, каде што е констатирана бактеријата „ешерихија коли“. Од таму велат дека надлежните служби почнале и со хлорирање на водата во водоводот на дел од селата како што е во Црквино, Иванковци и Мамутчево каде извесен период имало прекин во хлорирањето на водата во селскиот водовод.

„Причината за прекин на хлорирањето на водата за пиење во селскиот водовод во Иванковци била резултат на задоцнувањето во набавката на средството за дезинфекција „натриум хипохлорит“ што селото требало да го набави. Во моментов, хлорирањето се одвива нормално. Покај селските чешми се поставени табли со предупредување дека водата не е за пиење. Во село Мамутчево, по налог на Општина Велес од 14.03.2016 година, работен тим на ЈКП Дервен излезе на терен и утврди дека имало прекин на процесот на хлорирање поради проблем на потисната инсталација на пумпата за дозирање на натруим хипохлорит. Вработените од ЈКП Дервен го поправија дефектот и во моментов хлорирањето се одвива нормално. Кај селските чешми се поставени табли со предупредување дека водата не е за пиење“, рече портпаролот на ЈКП Дервен Тодорка Андреевска.

Прекин во хлорирањето имало и во селата Сујаклари и Мамутчево поради проблеми со пумпите за дозирање на хлор во водата. Но откако дефектите биле отстранети хлорирањето на водата се одвивала нормално, информираат од Дервен. Проблем со водата за пиење има во селата Отовица и Чалошево бидејќи таму не се врши хлорирање на водата во селските водоводи.

„Препорачуваме општина Велес за овие две села да набави и монтира пумпа за дозирање на натриум хипохлорит, со што ќе се реши проблемот со бактериски загадувања“, рече Андреевска.

Од Центарот за јавно здравје во Велес информираат дека анализи за исправноста на водата за пиење од природните чешми и селските водоводи се врши од два до четири пати годишно. Поради појавата на заразната бактерија, од наредната недела повторно ќе излезат на терен и да проверат дали жителите на овие населени места пијат исправна вода./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.