Самохраната мајка Моника ни по три месеци не добила одговор од владината комисија за решавање на стамбени прашања

Објавено на 31 март, 2016 во 14:41

Ниту по седум месеци, откако излезе од затвор, велешанката Моника не може да живее со своите три деца. Во намерата не ја спречува вратеното право на старателство, за кое оваа жена вели дека го добила веднаш со помош на службеници од Центарот за социјални работи, туку неможноста да изнајми стан или простории во куќа. Моника тврди дека за тоа нема пари. Во исто време вели дека е разочарана од тоа што по три месеци сеуште не и одговора владината комисија за решавање на стамбени прашања до каде напишала писмено барање за добивање на државен стан и приложила документи.

Од тоа решение вели Моника зависи нејзиниот и животот на децата затоа што државниот надомест за трето дете, што таа го остварила како мајка на малолетните деца, сеуште го добивала нејзината свекрва. Наместо со неа како мајка, децата, морале да живеат со бабата.

„ Јас на Центарот за социјални работи им кажав дека нивна законска обврска е да ми најдат простор за домување , колку што јас се разбирам во законските прописи а ако не се разбирам тогаш во инстутуцијата има стручни лица. Јас со нив се посоветував и тие ми кажаа дека тоа е нивна законска обврска. Самохрана мајка сум на три малолетни деца чиј татко е на издржување на затворска казна. По се што тој човек ми стори не сакам да имам никаков контакт со него. Затоа барам државата да ми помогне и да добијам државен стан во кој ќе си ги приберам децата а не тие да продолжат да живеат со баба им а јас кај роднини. Многу е тешко да си разделен од децата, верувајте ми,а нема простор да бидат со мене кај роднините“ рече Моника.

Таа додаде дека сега преживува со еднократните социјални помошти, што ги добива еднаш на два или повеќе месеци и се храни со оброкот на државната народна кујна. Неа ја има во базата на невработените велешани но со несоодветно образование бидејќи не успеала од домот на поранешниот сопруг да ги добие сведителствата за завршено средно хемиско училиште.

„Во Бирото за вработување ме водат со недовршено образование. Јас не можам да ги приложам документите со кои ќе потврдам дека сум хемиски техничар и останав со недовршени испити за висока безбедност. Но тоа е тоа животот кога ќе те однесе на сосема друг колосек од првично утврдениот. Но сега во овој момент мене ми треба да си создадам нов дом, да дојдам до покрив над глава што државата треба да ми го даде и за мене и за децата. Ми треба и работа,“ рече Моника.

Од Центарот за социјални работи во Велес пак тврдат дека тие сториле се што можеле за Моника. И го вратиле веднаш старателството над децата, давале месечна еднократна помош во висина од 4.500 денари, надомест за трето дете што изнесува 8.500 денари и посредувале при наоѓање на работа.

„Моника вети дека ќе оди на работа во една земјоделска фирма но, на денот кога требаше да се појави на работното место таа не отишла. Газдарицата на фирмата ни се јави на телефон и ни бараше објаснување зошто жената за која посредуваме ја нема. Јас сметам дека се што можевме ние сторивме и сеуште се обидуваме да и помогнеме на Моника,“ рече директорката на Центарот за социјални работи во Велес, Азиза Џани Кицара.

Таа додаде дека Велес нема државни станови во кои Моника може да се смести и затоа од Центарот и доделувале еднократни парични помошти со цел жената да изнајми простор во кој ќе може да живее со трите малолетни деца или да се обрати до ЈП за стамбен и деловен простор.

На ова Моника пак вели дека има слободни станови во така наречените социјални згради во населба Тунел и само треба добра волја од Центарот и државата кои имаат обврска да и го решат стамбеното прашање неа како самохрана мајка и на нејзините три малолетни деца. /У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.