Дончо Мирчев е првиот градоначалник на Велес
На листата на значајни граѓани на Велес секако дека се наоѓа името на Дончо Мирчев, првиот предвоен и повоен претседател на Општината. Еве зошто одлучив да ги споделаам сите информации поврзани со овој наш сограѓанин до кои дојде истражувачот Љупчо Данов и за кого ние двајца деновиве подолго разговаравме и констатиравме дека треба да ги запознаеме нашите сограѓани. Мирчев е само еден наш значаен сограѓанин за кого јавноста малку знае, за неговиот лик и особено за неговите дела.
Мирчев бил скромен човек, патриот, соборец на Панко Брашнар, роден во Велес во 1889 година од татко Јован и мајка Марија. Тој рано останал сирак и затоа живеел кај неговиот вујко. По завршување на трети клас гимназија, Дончо Мирчев, бил учесник во Балканските војни. Во Првата светска војна,како присилно мобилизиран, бил бугарски војник а во Втората светска војна учествувал како припадник на Народно Ослободителната Борба. Мирчев на 21 годишна возраст се зачленил во Социјалистичката работничка партија на Југославија -комунисти која после конгресот во Вуковар, што се одржал од 20-25 јуни 1920 година, била преименувана во Комунистичката партија на Југославија.
Затоа како победник на првите општински демократски избори што се одржале во март 1920 година, во тогашното Кралството Југославија – СХС, Мирчев бил избран за градоначалник од Социјалистичката работничка партија на Југославија (комунисти) – КПЈ. Тие избори биле особено значајни за младата партија бидејќи тогаш за прв пат победиле Социјалистите во Велес. Оваа победа на Дончо Мирчев му овозможила неговото име да биде запишано во историската читанка на градот како прв претседател, поточно кмет на општина Велес која била именувана како Црвена Комуна.
Во тоа време Мирчев заедно со Панко Брашнар, негов другар, сопартиец и соработник од најрана младост, ја отвориле кафеаната 1-ви Мај во Велес. Кафеаната се наоѓала на главната улица , на местото на поранешното кино 11-ти Октомври и преставувала место за собирање на напредните по ум и мисла велешани.
Неговото именување за прв кмет избран на демократски избори се случило во исклучително важен опшествен и политички период во кој на крајот на календарската година, во месец декември , со Обзнаната и една година подоцна во 1921 година со донесувањето на Законот за заштита на државата биле забранети сите активности на КПЈ. Партијата преминала во илегала. Затоа тогашните власти побарале Дончо да ја предаде власта. Постарите велешани до ден денеска ја паметат неговата изјава дека власта ќе ја предаде само на оној кој му ја дал, поточно на народот.
Затоа поради Обзнаната Дончо паднал во немилост на тогашната власт која после 1925 година го прогонувала поради илегална активност и четири години подоцна го осудила на три години затвор поради печатење на илегален материјал. Првиот кмет на општина Велес ја издржал и затворската казна а кога излегол од затвор работел како откупувач, преработувач и продавач на пченица, брашно, јачмен и други житни производи во Велес.
Работата му овозможила да купи куќа во селото Милино и во неа да отвори дуќан што за време на Втората Светска војна станал позадинска база на Народно ослободителното движење.
Во втората половина на 1943 година, Мирчев и Брашнар ,во втората половина на 1943 година работат на формирање на илегален Народно ослободителен одбор на барање на Никола Минчев. Одборот го конституирале наредната година, во месец јули, кога за негов претседател бил назначен токму Дончо Мирчев.
Три месеци подоцна, во веќе ослободен Велес, на 9 ноември Дончо Мирчев станал прв претседател на Народно ослободителниот одбор на градот. На оваа функција останал во наредните две години поточно до 1946 година. И потоа не престанал да биде активен општествено политички бидејќи неуморно работел се до донесувањето на Резолуцијата на Информбирото кога, како и многу други велешани, е пратен на Голи Оток. Таму останал во заточеништво три години, од 1950 до 1953 година. Тогаш завршиле сите негови општествено политички ангажмани и целото свое време Мирчев одлучил да му го посвети на семејството.
Тој создал семејство и бил грижлив татко. Имал седум деца: Ангел, Марјонка, Деса, Павлина, Румена, Јован и Нада. Она по што неговите сограѓани го препознаваа и кога денеска се сеќаваат за него зборуваат како за народен човек. Дончо Мирчев почина во 1985 година, на 96 годишна возраст, во родниот Велес.
Секако дека во текстот нема да го прескокнеме нашиот сограѓаник Слободан Мирчевски, внук на Дончо и човек кој посветено ги чува фотографиите и документите поврзани со ликот и делото на својот дедо.
Стоилко Андреевски