Велешките граѓански волонтери собраа 60 тони, во велешко „Младост“ има уште околу 300 тони од непознатата материја којашто ја зароби езерската површина
По дводневната волонтерска акција на граѓанскиот сектор фотографијата покажува како сега изгледа површината на водата на „Младост“. На езерото му е вратен поранешниот изглед.
Но, „Младост“ го демне повторна окупација. На јужниот езерски дел, таму каде што се влива Отовичка река, огромна тонажа од непознатата материја сконцентрирана е на мала површина затоа што ветерот засега дува од северен правец. Штом се појави од спротивен, јужен правец, тогаш оваа количина, која освен површински во вид на кора се простира и во форма на дебел конец кон дното на „Младост“, повторно ќе се разнесе низ езерската површина. Конците или формите на корен во длабочина се долги и по неколку метри. Според проценките на стручни лица, од граѓанските волонтери станува збор за вкупна количина од околу 300 тони.
Иницијаторот на граѓанското волонтерско чистење на површината на велешко езеро, Здружението на спортски риболовци „Бабуна“, тврди дека сега не смее да се прекине со вадењето на преостанатата количина од непознатата материја од езерото.
-Да се надеваме дека деновиве северниот ветер нема да го промени правецот. Доколку се случи спротивното во неповрат ќе отиде дводневниот труд на 50 граѓански волонтери. Езерската површина одново ќе мора да се чисти. Како концесионер на рибниот фонд во езерото ние сме загрижени и за флората и фауната во водата. Решение мора да се најде. Но приоритетно сега е да ја извадиме и преостанатата количина од оваа материја, рече Даниел Наумоски претседател на ЗСР „Бабуна“.
И викендов, како и пред акцијата за чистење на површината на „Младост“, доколку со дел од гранка ја разбуричкате материјата а потоа ја помирисате тогаш ќе го почувствувате мирисот на измет. За волонтерите, меѓу кои имаше и поранешни стручни лица од областа заштита на животна средина, оваа материја поседува изглед којшто е бактериски.
Исто мислат и останатите граѓански волонтери од ЕД „Вила Зора“, ОО на Црвен крст Велес, Кајакарски клуб „Бабуна“, „Клуб 28“ и ЗГ „Акцијаши ветерани“.
Освен што во најголема количина е сконцентрирана на вливот на пресушената Отовичка река непознатата материја ја има во помали парчиња и во трските на двете страни, источна и западна, покрај езерскиот брег. Може ли да се размножува и на тој начин да расне во големина треба да кажат стручни лица од лаборатории кои испитуваат бактериолошки и хемиско физички својства на квалитет на вода.
Засега резултатите на официјално избраната лабораторија за испитување на квалитетот на водата на езеро „Младост“ како и на Центар за јавно здравје Велес не одат во прилог на овие проценки на граѓанскиот сектор. Тие говорат за тоа дека во водата граѓаните можат да се капат.
Дополнително, за потреби од вонредна контрола, примероци од водата зема и ги испрати во охридска лабораторија и ЈП „Лисиче“. Ова државно претпријатие засега не ги објави резултатите.
Исто така, се што му се случува на велешко езеро е на пеколни температури и во ек на туристичка сезона кога дел од угостителските објекти се полни со транзитни странски туристи.
Убавка Јаневска