(Видео и фото) Годинава, на Прочка, традиционалната песна „Оптири лајлам“ низ велешките маала ја пееја најголем број на „доктори и докторки“
Сите Прочкарчиња кои денеска ги посетија домовите на Велешани, громогласно ја пееја песната „Оптири лајлам тра ла лала лајлам“. Но никој од нив во прочкарските детски групи не сакаше да биде баба или дедо, зет или невеста. Сите сакаа да ја имаат улогата на доктори или докторки.
И умните мали палавковци знаат дека светот го вртат парите а за одлично испеаната песна токму наградата која е во пари ги собираа докторите/ките. Децата парчињата баклава ги собираа во заеднички сад а во торбичките коишто со себе ги носеа поединечно портокалите, лимоните, мандарините или чоколадата и другите подароци со кои ги даруваа домаќините на куќите.
Сепак, традицијата во Велес ја продолжуваат тие, најмладата генерација на деца чија песна и ова претпладне влезе во домовите на граѓаните, им донесе радост и го најави доаѓањето на пролетта. Наспроти нив, возрасните, Велешани се откажаа од традиционалното маскирање и прошетките низ улиците на градот.
Во времето кое останува зад нас, овие групи носеа маски на лицата познати како „сурати“ додека на себе облека што симболизира дедо, баба, зет, невеста и доктор. По пеењето на традиционалната песна „Оптири лајлам тра ла лала лајлам“ тие ја боцкаа бабата, а таа паѓаше и лекарот ја кажуваше дијагнозата според која бабата е болна од шеќерна болест.
Така беше порано во Велес на Прочка до пладне, кога започнува времето за ручек, на кој бабата и дедото ги покануваа ќерката, зетот и внуците. Во приквечерината на денот Велешани се раздвижуваа низ улиците во градот и почнуваа визитарските посети во домовите на родителите, постарите членови на семејствата и кумовите. Помладите со лимон и портокал во раце, од постарите бараa прошка со зборовите : „Простете ми ако нешто сум згрешил-а“ на што постарите ќе одговарат: „Простено ви е и од нас и од Господа“. Овој дел од традицијата е задржан.
Според кажувањето на постарите големината на празникот е во доблеста да се прости исто како што вечерва на полноќ: „Се простуваат небото и земјата“.
Убавка Јаневска