Вкупно 49 бесправни градби, во минатата година, изградени во Велес – што се било градено без дозвола?
Дваесет изградени огради, 12 доградби, надградби и слични адаптации, седум тераси, по три деловни објекти и помошни објекти и два објекти за домување изградени се во минатата година во Велес. Станува збор за вкупно 49 бесправно изградени објекти во една година. Овие податоци деновиве ги објави Државниот завод за статистика за бесправно изградени објекти на територијата на Република Северна Македонија во 2023 година.
Во објавените податоците на Државниот завод за статистика пишува дека во текот на 2023 година, на територијата на државата регистрирани се 780 бесправно изградени објекти. Според видот на објектот, најголем број на бесправно изградени или 172 објекти се за домување што во проценти изнесува 22, втори на листата се доградби, надградби и адаптации со 17.2 %, додека на трето место се деловните објекти, вкупно 62 или 7.9 %. Нелегално се градени и гаражи 33 или 42 %, огради 160 или 20.5 % па дури и три скалила или 0.4 % како и 12 тераси (1.5 %), 9 летни тераси (1.2 %), 63 натстрешници (8.1 %). Педесет и четирите времени објекти партиципираат со 6.9 % и 78 помошни објекти со 10.0 % во вкупниот број. Најголем број бесправно изградените објекти поточно 93.1 % се во приватна сопственост.
Дума.мк побара став од општината поточно праша дали надлежната инспекциска служба постапила и што превзела за решавање на оваа состојба. Одговорот не стигна до објавување на информацијата. Ќе биде објавен штом го добиеме.
Убавка Јаневска