Во Општина Лозово, Светиот крст на Богојавление ќе се фрла во пет населени места

Манифестацијата „Чествување на Водици“, на 19 јануари, годинава, во Општина Лозово ќе се одржи на повеќе локации. Со почеток во 10:00 часот, Светиот крст ќе се фрла во водите на Црковниот Базен на Црква Св. Покров на Пресвета Богородица во село Каратманово. Половина час подоцна, Светиот крст ќе биде положен во новиот базен на Црква Воскресение Христово во село Милино. Еден час подоцна, поточно во 11:30 часот, Богојавление ќе се чествува во село Дорфулија во близина на Црква Св. Илија . Во 12:30 часот, Светиот крст ќе се фрла во водите на Црковниот базен на Црква Св. Илија во село Лозово и во 13:00 часот во Црковниот базен на Црквата Успение на Пресвета Богородица во село Сарамзалино.
Градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски, соопшти дека во име на традиционалните христијански вредности, оваа година, општината ќе додели вредносни ваучери за најсреќните пронаоѓачи на Светиот крст.
-Големиот христијански празник и славењето на Христовото крштевање е голем настан преку кој го прославуваме нашето духовно раѓање, нашата блискост до Бога и како христијански верници ни дава духовен мир и топлина во срцата. Богојавление – Водици и симболиката на овој празник нека ни дадат поттик за да продолжиме да го негуваме и шириме учењето Христово. Со осветување на водите ја уважуваме вековната традиција на зацврстување на верата, но и на меѓусебното почитување и разбирање, толеранцијата и единството. Искрено да веруваме во нашата сплотеност и да сме цврсто обединети во нашите цели за промовирање на православните христијански вредности како и чување на духовното и културното наследство, додава Бошковски.
Исто така, тој изразува огромно задоволство и благодарност до менаџерскиот Тим и Сопственикот на компанијата „ЗЕГИН“, кои по повод светиот празник ќе израдуват едно социјално загрозено семејство и ќе донираат вредносен ваучер и маички за учесниците на манифестацијата.
Дума.мк
