Во првиот уписен рок најголем број на деветтооделенци се запишаа во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“
Првите официјални листи со примени ученици од првиот уписен рок којшто во средните училишта се спроведуваше на 20, 24 и 25 јуни се објавени денеска и на нив може да се види дека во три средни училишта во Велес примени се вкупно 501 ученици.
Од нив најголем број, поточно 261 ученик се запишани во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ и со тоа скоро сите 12 паралелки од сите образовни профили се целосно потполнети. Поточно, за вториот уписен рок има само 10 слободни места само во електротехничка струка, за заварувач шест слободни места и две слободни места во техничар за компјутерско управување. Оваа бројка на запишани ученици во прв уписен рок е досега највисока.
Во хемиското училиште „Димитрија Чуповски“ запишани се вкупно 111 ученици. Во здравство и социјална заштита, класификација медицинска сестра потполенти се 25 места и слободни се уште девет места. Во фармацевтски техничар/медицинско лабараториски – санитарен техничар којашто е комбинирана дуална паралелка запишани се 25 деветтооделенци и повеќе нема слободни места. Додека во физиотерапевтски техничар/гинеколошко акушерска сестра којашто исто така е комбинирана дуална паралелка запишани се 14 ученици и слободни се 11 места. Во секторот лични услиги – техничар за козметичка нега и убавина запишани се 28 ученици и има само шест слободни места. Во секторот Хемија и технологија – техничар за заштита на животната средина/хемиско лабораториски техничар запишани се 12 ученици и слободни се 13 места за вториот уписен рок и класификацијата месопреработувач/пекар запишани се седум ученици и слободни се 27 места.
Во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ запишани се вкупно 72 ученици од кои 15 ученици се запишани во албанската паралелка и 15 ученици се примени во новата билингвална паралелка, кадешто учениците дел од предметите ќе ги изучуваат на англиски јазик и каде има слободни места и за вториот уписен рок.
Во ОСУ „Јовче Тесличков“ во струката економија, право и трговија примени се 57 ученици и одбиени се осум. Слободни места има и за ученици на вториот уписен рок.
Во учебната 2023/24 година на територијата на Општина Велес завршени се околу 455 ученици, поточно во четирите основни училишта заедно со училиштата во село Оризари, село Иванковци и во Бузалково со подрачните училишта. Во моментов во четирите средни училишта во градот запишани се 501 деветтооделенец што значи дека 46 ученици се од други градови.
Вториот уписен рок за идните средношколци е на 1 и 2 јули, годинава, додека третиот уписен рок во месец август.
Стефани Манева