Вонредна крводарителска акција во Ликовен салон Велес
Топлото време и високите температури не ги спречија хуманите велешани денеска да дојдат во ликовен салон и да даруваат крв. Велешкиот Црвен Крст и институтот за трансфузиона медицина од 09:00 часот претпладнево ги примаат сите граѓани што одлучија да бидат дел од денешната вонредна крводарителска акција. Очекувањата се дека велешани повторно во голем број ќе се појават во ликовниот салон, особено затоа што во државни рамки има недостаток од одредени крвни групи.
-Ова ни е прва вонредна крводарителска акција, очекуваме до 15 часот да се појават голем број на крводарители по што Велес е препознатлив низ последните децении. Сакам да апелирам, на денешната крводарителска акција, пожелно е да дојдат граѓани коишто не примиле вакцина или се веќе ревакцинирани. Но, по примена втора доза од вакцините „Фазјер“, „АстраЗенека“ и „Модерна“, граѓаните може да даруваат крв по изминати седум дена. Додека по ревакцинацијата со вакцините „Синовак“ и „Синофарм“ потребно е да поминат најмалку четири седмици односно 28 дена, рече Тамара Коцевска, волонтер во Црвен Крст Велес.
Помеѓу граѓаните коишто даруваа крв денеска беше и Воислав Спирковски.
-По шести пат дарувам крв и тоа го правам од хумани причини. Дознав за апелот на Црвен Крст дека недостига крв од крвната група А+ и затоа одлучив денеска да дарувам крв. Еве користам прилика да ги повикам сите сограѓани коишто имаат можност да дојдат и да даруваат крв, бидејќи ќе спасат човечки живот, додаде Воислав.
До 15 часот граѓаните можат да даруваат крв и тоа е особено важно што во последнава недела во два наврати се појави потреба на крв од крвната група А+.
Стефани Манева