Еуфорија на градски во Велес!
Вака се сака својот клуб, вака се бодри и вака се победува. Две илјади страствени навивачи денеска дојдоа на трибините на градски и го бодреа Борец во решавачкиот натпревар со Кожуф.
Огромната подршка што фудбалерите ја добиваа од трибините, се чини дека беше пресудна да се победи најголемиот конкурент на Борец во тратата македонска лига. Видно мотивирани беа и фудбалерите кои “гинеа“ на теренот. Голот што во осмата минута го даде Oрданче Петрушевски го направи натпреварот уште пожесток. Тој и неговите соиграчи беше очигледно дека нема да им дозволат на противниците од Велес да си заминат како победници.
Голот што заврши во мрежата на Кожуф значи многу и за фудбалерите и за публиката. Тој на фудбалерите ширум им ги отвара вратите за влез во втората лига. Предноста од седум бода за публиката значи мотив верно да ги бодри фудбалерите кои денеска уиграно и со очигледно добра тактика трчеа на зелениот терен.
По завршувањето на натпреварот гледачите си заминаа уверени дека и понатаму ќе ги бодрат своите миленици, бидејќи тие се причина што стадионот се полни и ги потсетува велешани на времето пред дваесетина години кога Борец се натпреваруваше во првата македонска лига.
“Бевме подобри, момчињата гинеа на теренот, за тоа сум тука и ќе бидам секогаш со нив бидејќи тие ме вратија цели 20 години наназад кога седев на истите овие трибини и гледав фудбал во мојот град“ рече Ристе.
“Причина за моето доаѓање се дечките од моето маало, од Дворови, Дарко и Станко и секогаш ќе бидам нивна верна подршка“ рече Ангел.
“Ова е тоа што му треба на градот, овие момчиња и победата што ја постигнаа ми приредија големо задоволство. Со нетрпение го очекувам наредниот натпревар, вака се сака, вака се бодри и вака се победува“ рече Миле.
Натпреварот помина во коректна спортска атмосфера, а веста за победата на Борец веднаш се пренесе низ градот.