„Лозарите“ се жалат а полицијата негира инцидент со прекумерна сила!
Навивачката група “Лозари“ од Кавадарци обвинува дека полицијата во саботата врз нив употребила прекумерна сила.
Во вторник на прес конференцијата соопштија дека меѓу нив и полицајци се случил инцидент на градскиот плоштад.
“Кулминацијата на полициската бруталност се случи откако малолетник, на возраст од 15-16 години брутално беше претепан од полицајци. Ако една запалена петарда е кривично дело, тогаш нека се примени законот, и нека полицијата поднесе пријава кон сторителот, но употребата на прекумерна сила врз малолетник кој буквално беше тепан со гумени палки по главата не е соодветниот начин за казнување. Се плашиме за последиците кои малолетникот веќе ги чуствува, но дали истото го чуствуваат и оние кои што земаат плата од народот за да го зачуваат јавниот ред и мир, а не да се изживуваат врз малолетни деца кои патем се и нивни пријатели, синови, внуци, роднини,“ вакви констатации и обвинувања со солзи искажаа навивачите.
Навивачката група „Лозарите“ обвини дека страдале од полициската дезорганизираност и желба за реваншизам.
“Тие ни се ситат кога некој од нас ќе биде удрен, приведен или ако против нас биде покрената кривична пријава. Мислиме дека се започна на натпреварот помеѓу Тиквеш и Македонија – Ѓорче Петров кога поради полициската нестручност настана инцидент во кој беше повреден полицаец. Одтогаш полицајците на секој нареден настан сакаат на било каков начин да ни се реваншираат. Сведоци сме на настани во кои со тепање и заканување се врши притисок врз помладите членови на нашата група. Закани има и до нас како водачи на навивачката група, но во ниту еден момент не помислуваме да се откажеме. Знаеме дека им сметаме со тоа што им отвараме работа на припадниците на полицијата, но нема да им ја исполниме нивната желба,“ рекоа водачите на групата Лозари. Беа категорични дека нема да ги поколебаат полициските закани за да продолжат со нивниот организиран начин на навивање и бодрење на кошаркарите на Фени индустри.
И покрај тоа што ја обвинуваа полицијата, Лозарите, признаа дека згрешиле и непотребно направиле оштетување на градскиот плоштадот. Таму во саботата работата сепак излегла од контрола. Неколку навивачи почнале да употребуваат пиротехнички средства и со тоа направиле оштетување на гранитните плочи на новиот плоштад во Кавадарци. Лозарите рекоа дека, во неделата, сами го исчистиле сметот и го средиле плоштадот.
Полицијата негира дека додека ги обезбедувала навивачите употребила сила.
“Против едно лице кое е приведено и останатите идентификувани нарушители на јавниот ред и мир, во инцидентот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Воедно се апелира и се предупредуваат сите припадници на нвивачката група “Лозари“ во иднина да прекинат со движење и групирање по улиците во градот, бидејќи предизвикуваат револт кај граѓаните, а воедно ваквите активности на блокирање на улици, гласно викање, скандирање и неовластено палење пиротехнички материјали и слично, на јавни места претставуваат казниви дела согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир,“ стои во соопштението на полициската станица.