Во Велес два контролни натпревари на Футсал репрезентациите на Македонија и Босна и Херцеговина
Во рамките на подготовките, футсал репрезентациите на Македонија и Босна и Херцеговина, утре и задутре ќе одиграат два контролни натпревари во спортската сала Гемиџии во Велес.
За гостите од Босна и Херцеговина контролните натпревари претставуваат значајна проверка на подготвеноста со оглед на тоа што тие за еден месец ќе го одиграат бараж натпреварот со футсал репрезентацијата на Холандија за пласман на ЕП во Белгија.
– Иако сме пред важен двомеч, недостигаат репрезентативците на клупскиот шампион, кој се подготвува за квалификациите за Лигата на прваците. Но без оглед на се ќе ги искористиме овие две средби за што подобро да се уиграме – рече селекторот на репрезентацијата на БиХ, Боро Матан.
Македонската футсал репрезентација штотуку се вратија од одмор и за нив двата натпревари ќе претставуваат започнување на подготовките за квалификација на ЕП во Србија, во 2016 година.
– На овие два натпревари ќе ја воигруваме екипата, во неа повикав четири млади играчи од селекцијата до 21 година. Иако станува збор за контролни натпревари, очекувам дека ќе продолжиме со добрата серија, добрите игри и резултати – рече селектор на репрезентацијата на Македонија во футсал, Васко Скендеровски.
Двете репрезентации се сместени во хотел крај Велес. Тие се гости на ФФМ кој е организатор на двата натпревари што ќе се одиграат во спортската сала „Гемиџии“ во среда и во четврток на 21 и 22 август со почеток во 20 часот. За сите љубители на спортот влезот е бесплатен./А.Д