(ФОТО) Oдбојкарките на Борец- Брако го победија Работнички со 3 : 0
Со одлична игра во одбрана и добра реализација во напад, одбојкарките на „Борец- Брако“ денеска дома славеа победа над противничките од скопски Работнички. Велешанки беа подобри во сите три сета на натпреварот кој го добија со 27 : 25, 25 : 22 и 25 : 18.
Техничарот Ивана Митушева добро ја организираше целата игра додека во одбрана и на мрежа одлично се поставуваа и го реализираа нападот капитенот Емилија Ефремовска, Емилија Ивановска и Бранкица Блажевска.
– Задоволен сум комплетно од играта на целиот тим. Ова беше цврст противник но успеа тактиката со која настапивме, максимално добро да изиграме одбрана и да се спротивставиме во нападот. Се што барав од девојките тие успеаја да остварат, рече тренерот Петре Жабев.
Со победата во денешниот натпревар, од осмото коло на првата државна лига – жени, одбојкарките на „Борец – Брако“ се зацврстија на петото место на табелата. 7-те бода што сега ги имаат значат приклучок во борбата за горниот дел и вклучување во Плеј офф-от. Есенскиот дел од натпреварувањето ќе заврши во недела, на 15 декември, кога велешанки ги очекува дуел со тетовска „Шкендија“. Тоа е екипа која се наоѓа на дното на табелата . Одбојкарките се уверени во победата на гостински терен,во Тетово.
Денешниот натпревар одбојкарките го одиграа во салата на ООУ „Блаже Конески“ пред малубројна публика.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)