Данов: Непозната песна на Андреа Петкович „Могила в гора“

Понекогаш во животот се случуваат случајни работи непредвидени, но убави. Еден таков момент во моите истражувања е и случајниот контакт и познанството со Татјана Панкратјева, русинка, пра-пра внука на Константин А. Петкович, постариот од браќата Петкович, по потекло од Башино село.
Од Панкратјева добив и сеуште добивам материјали за браќата Петкович, фотографии и факсимили на документи од нив. Замислата е да се обнови родната куќа на Петкович во Башино село и да се направи постојана музејска збирка од фотографии, документи и факсимили, кои ќе ја дополнат македонската литературна и историска празнина за овие двајца наши прероденици.
Да споменеме дека Константин и Андреа Петкович уште како млади заминале во Одеса, Русија, каде завршиле високи школи и станале руски дипломати од кариера. Постариот Константин започнал од Либан, преку Дуровник, па се до Венеција, завршувајќи ја својата дипломатска кариера. Андреа пак 20 години бил дипломат во Риека, Хрватска, каде денес на куќата каде што живеел, Општина Велес постави спомен плоча. Големи заслуги за ова има велешанецот, професор д-р Васил Тоциновски , кој пет години држеше Катедра по славистика на Риечкото свеучилиште.
Но, денес сакам да Ви презентирам една песна од Андреа Петкович напишана и издадена во „Цариградскиот весник“ бр. 465, од 9 јануари 1860 година , со наслов „Могила в гора“.
Две работи се карактеристични за песната – јазикот на кој е напишана, како и тоа што за прв пат Андреа се потпишува под псеудонимот „башиноселец“`! Значи, тој е свесен за своето потекло и припадноста кон неговото родно место и тоа несомнено го истакнува.
Јазикот со кој е пишувана песната е македонски, онака како во тоа време се говорело во овие краишта и несомнено дава убава можност да се запознаеме со јазикот кој сеуште не е литературен но е лесно препознатлив. Ова овозможува понатамошна истражувачка работа, пред се на лингвистички план, за да се заокружи периодот на македонската преродба, во втората половина на 19 век.
Песната говори веројатно за некој вистински настан, кога младо момче е убиено од ајдуците, а потоа неговото тело е упокоено во гроб, „ могила“, во гората на местото каде загинал. Треба да се доистражи дали се работи за вистински настан според кој е напишана песната.
Вашиот истражувач и хроничар
Љупчо Данов
П.С „Песната Ви ја отстапувам за читање во оригинал и во препев, на литературен македонски јазик“.

ГРОБОТ ВО ГОРАТА
Есента беше веќе влажна и ладна
суви листови паѓаа секаде;
Темна ноќ на земјата легна,
кога сонцето зад гората зајде.
Наоколу беше веќе мирно и тихо:
од слатките гласови на милните пилиња
не се слушаше веќе од гората ехо –
туку некаде виеја прегладнети волци.
Тогаш ми излезе светла месечина
и осветли јасно широка рамнина
се гледаа овде-онде длабоки сенки
од стари дрвја со густи гранки.
По јасното небо блеснаа грамади ѕвезди
на југ бегаа облаци темни;
пливаше месечината по небото јасно.
Ѕвездите и` отворија патека тесна
,,тан“…. се пронесе глас од тенка
ајдучка предолга пушка.
Ах!….се разнесе од гората далечно ехо
И пак стана секаде тихо.
Тоа беа страшни ајдуци ноќни.
——————————————————
Го убиле лутото желно ергенче
Младо и умно Славно – Tрновче.
Истрчале од селото млади јунаци
со тенки пушки во јуначки раце,
но беше доцна…. мртвото тело го нашле на земја,
рането, тепано и сосема голо.
Дома тогаш еден од нив се вратил,
Остра мотика и широка лопата донел.
Во густата гора тие ископаа
гроб на братот му приготвија,
со солзи, без плач и тажење…
тие го предале телото да гние…
отишле дома ужалени
од жалост како заклани!
Место свеќа светла и јасна
на овој гроб пресен
засветиле од небото грамади ѕвезди
и тихо – светлата месечина со нив.
Андреа Петкович
