Денес се празнува Светите маченици Мина, Ермоген и Евграф

Објавено на 23 декември, 2022 во 09:29

Мина и Ермоген беа родум атињани. Обајцата живееја во Цариград, во голема чест кај царот и кај народот. Мина беше познат по неговата голема ученост и красноречивост и однадвор се држеше како незнабожец, но во срцето беше христијанин.

Ермоген беше цариградски епарх и се држеше за незнабоштвото и однадвор и однатре, иако беше милосрден и вршеше многубројни добри дела. Кога пламна некоја расправија меѓу христијаните и незнабошците во Александрија, царот Максимин го испрати Мина да го стивне метежот и да ги истреби христијаните од тој град.

Мина отиде и воспостави мир, но се објави себеси како христијанин и мнозина незнабошци ги обрати во вистинската вера со силен збор и многубројни чуда. Кога слушна за ова царот го испрати Ермоген за да го казни Мина и да го задуши христијанството. Ермоген го изведе Мина на суд, му ги отсече стапалата и јазикот, му ги избоде очите, па го фрли во затвор.

Во затворот на Мина му се јави Самиот Господ Исус, го исцели и го утеши Својот страдалец. Кога го виде Мина чудесно исцелен, Ермоген се крсти и почна на големо да ја проповеда Христовата вера. Го поставија и за епископ на Александрија. Тогаш разјарениот Максимин самиот отиде во Александрија и ги подложи Мина и Ермоген на големи маки, коишто тие, помагани од Божествената благодат, храбро ги издржаа.

Гледајќи ја храброста на овие Христови војници и Божјите чуда што се извршија над нив, пред судилиштето се јави и Евграф, секретар и пријател на Мина, извикувајќи кон царот: „И јас сум христијанин!“ Царот збесна, го исука мечот и го уби Евграф. По ова овој нечестив цар нареди да ги убијат со меч и Мина и Ермоген. Нивните свети мошти ги фрлија во морето, но тие на чудесен начин допловија во Цариград, каде што епископот, на кого му се јавија во сон, свечено ги дочека и ги погреба.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.